Линкови за пристапност

ИВЗ ја смирува полемиката со Владата


ИВЗ бара итно решавање на проблемите околу враќањето на национализираните имоти, потенцирајќи дека процесот се одолговлекува 20 години

За да не бидат инволвирани во предизборните политички манипулации, од Исламската верска заедница на Македонија, сега најавуваат дека следните чекори ќе ги преземат по претседателските избори. Но, потенцираат дека трпението им е при крај, зашто, веќе две години, Владата која најавуваше реформи, не ги исполнува предизборните ветувања и не нуди конкретни одговори на нивните барања.

„Пред почеток на кампањата за претседателските избори, поради големиот притисок од муслиманските верници, ќе бидеме принудени во 700 џамии во земјата да ги информираме верниците за долготрајната дискриминација што се врши кон ИВЗ и кон нејзините членови, со сите последици врз општествените односи во земјава“, го предупреди премиерот Зоран Заев, со писмо, поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, реис-ул-улема Сулејман Реџепи.

„Ги отфрлуваме сите обвинувања дека било која верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално“, му порача Владата на поглаварот Реџепи, во јавно објавениот одговор на неговото писмо до премиерот.

„Проблемите да се решаваат со дијалог. Има простор да се разговара и не сметам дека треба да има некаков проблем помеѓу државните и верските институции“, изјави лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, по судирот меѓу Владата и ИВЗ, што деновиве, во предвечерието на кампањата за претседателските избори, беше и е една од топ-темите во медиумите, и се закануваше да ја вжешти кампањата и пред нејзиниот официјален почеток.

Премиерот Заев изјави дека зад писмото на ИВЗ во овој момент, стојат лични интереси, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, изјави во медиумите дека Владата е подготвена за дијалог, но дека писмото на поглаварот Реџепи е уцена што Владата нема да ја прифати.

Иако преписката најавуваше продлабочување на конфронтацијата на релација Влада - ИВЗ, првичните реакции на претставниците на власта во медиумите беа дека сепак, се работи за проблем кој заслужува внимание и конструктивен дијалог, со што ќе биде избегната конфронтација меѓу една од верските заедници и извршната власт.

Во јавно објавениот одговор на писмото на поглаварот Реџепи, испратено до премиерот Заев на 12 март, Владата и порачува на ИВЗ дека се работи за неприфатлива форма на обраќање кон државните институции, односно, за ултиматум и уцена, и најави и евентуално известување на Јавното обвинителство, поради наводните закани.

„Во дописот споменувате неколку предмети (за денационализација – н.з) за кои се води постапка пред надлежните институции, која е независна од волјата на извршната власт, а втемелена и зависна од строгото почитување на позитивното право во државата“, пишува во одговорот на Владата.

„Според Уставот, како највисок правен акт, Република Северна Македонија е секуларна држава, а оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници, или помеѓу нив“, се вели во одговорот на Владата.

Иако Реџепи се закани дека пред почеток на кампањата, „ќе ги информира верниците за долготрајната дискриминација што се врши кон ИВЗ и кон нејзините членови“, по реакцијата на Владата, ИВЗ ретерираше дека и покрај тоа што писмото е испратено пред почетокот на кампањата за претседателските избори кои ќе се одржат на 21 април и 5 мај, сепак, не постоела намера за уцена или закана со мобилизација на муслиманските верници против актуелната власт.

ИВЗ смета дека проблемот не треба да се решава во медиумите, но сепак, бара итно решавање на проблемите околу враќањето на национализираните имоти, потенцирајќи дека процесот се одолговлекува 20 години, како и дека само 40 проценти од околу 350 објекти кои треба да бидат денационализирани, досега се решени.

До реакцијата на ИВЗ и обвинувањата кон Владата, дојде по донесувањето одлука за прекин на реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид и по финансиските инспекции на Управата за јавни приходи во верските заедници. Реисот-ул-улема Реџепи во писмото до премиерот Заев, обвини дека додека МПЦ-ОА се фаворизира, барањата на ИВЗ биле игнорирани.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG