Линкови за пристапност

Ивановска: Нема судска разрешница за ниту еден од предметите што во пет години ги покрена Антикорупциска


Билјана Ивановска, Државна комисија за спречување на корупцијата
Билјана Ивановска, Државна комисија за спречување на корупцијата

САД не случајно ставаат некого на црната листа и ќе беше добро, до сега да имаше епилог за случаите поврзани со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, во интервју за Глас на Америка.

Глас на Америка: Како гледате на тоа што се уште нема судски епилог од ставањето на црната листа на САД, на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Што значи сето ова за вас?

Билјана Ивановска: Имајќи во предвид дека ова прашање поприлично ја сензибилира јавноста, ќе беше добро да имавме што побрз епилог. Самото тоа што се одолговлекува, создава сомнежи кај јавноста и секој може да претпостави зошто тоа така се случува, а што е правата вистина, затоа ќе треба да си дадат образложение обвинителите кои што работат на тој случај, зошто им одзема повеќе време. Јас не можам да се мешам во нивната работа, но реално очекував дека требаше до сега да има резултати, заради тоа што е од висок интерес за јавноста па дури и за САД, кои што го поставија на црната листа.

Глас на Америка: Сепак ставањето на еден функционер на црна листа говори многу?

Билјана Ивановска: Да, тоа говори многу.

Глас на Америка: Тоа значи дека САД не така случајно ставаат некоја личност на црна листа?

Билјана Ивановска: Токму така, тие ги одмериле неговите постапки и донеле таква одлука. Сигурно не е тоа случајно, на лото да му се падне бројче па да добие, па да биде на црна листа. Апсолутно токму поради значајноста на прашањата и злоупотребите кои се направени од негова страна сметам дека требаше малку поскоро или еве во најскоро време да излезат со одредени резултати.

Глас на Америка: Вие изминатите години поднесувавте неколку претставки и пријави до Обвинителството и судовите за работата на Мерко, и сигурно дека сето тоа имаше влијание врз Стејтдепартментот да донесе ваква одлука?

Билјана Ивановска: Не знам дали токму нашата работа имала влијание, заради тоа што ние не бевме консултирани од нивна страна, не се бараше од нас некаков одговор поврзан со Мерко, иако редовно секоја година, го известувавме Стејт-департментот, какви предмети сме покренале и за кого. Можеби тоа било во 2019 година, можеби влијаеле и тие резултати, но не сум сигурна бидејќи директно не сме добиле прашање.

Кај нас сè уште произлегуваат предмети за Мерко. Работевме еден предмет за приватизација на земјиште во Струга, каде што произлезе дека се давале лажни податоци за да се изврши дооформување на парцела. Одговорноста за сето тоа е на струшкиот градоначалник. Неодамна повторно поднесовме иницијатива за кривично гонење за друго дело на струшкиот градоначалник. Што се случи по првата иницијатива немаме информации. Претпоставувам дека им треба уште време.

Глас на Америка: Како ги толкувате измените на кривичниот законик, нешто за што во јавноста се крена голема прашина?

Од министерството за правда имавме добиено нацрт верзија на 30 август за кое требаше да дадеме наше мислење до 20-ти септември, а во таа нацрт верзија не беа содржани овие спорни членови

Билјана Ивановска: Ние веднаш реагиравме на донесувањето на тој закон. Од повеќе причини беше предизвикана нашата реакција, пред се порани начинот на носење. Се донесе по скратена постапка, со европско знаменце, односно се донесе на начин кој не овозможува јавна расправа и не овозможува мислењето на експертите да дојде до израз и уште повеќе да се направи проценка на штетите кои би ги направиле тие законски решенија. Тоа за нас беше клучно зошто сметавме дека таквиот начин на донесување без сите овие пропратни елементи само ја подгрева корупцијата во државата и придонесува за партиски пазарења и за трговија со влијанија, едни од клучните фактори, кои ја зголемуваат корупцијата.

Од министерството за правда имавме добиено нацрт верзија на 30 август за кое требаше да дадеме наше мислење до 20-ти септември, а во таа нацрт верзија не беа содржани овие спорни членови. Ние го пишувавме мислењето за таа верзија и наеднаш се случува нешто друго и во Собранието се изгласуваат измени на кривичниот законик, што беше многу изненадувачки за нас. Во исто време се изјасни и Врховниот суд, Советот на обвинители.

Судска разрешница нема за ништо. Не само сега за овие последни пет години, туку воопшто откако постои Антикорупциска. Има само за еден предмет за „Бачило“, во 2003 година и толку

Значи има и други институции од каде е побарано мислење, тие не стасале да го дадат мислењето, а законот е веќе донесен со други членови. И што е најголем парадокс не знаела ниту работната група, што две години го пишува кривичниот законик. Сите овие околности фрлаат една грда слика за нашето општество, бидејќи го поткопуваат правниот систем и создаваат правна несигурност кај граѓаните. Да се менуваат казните тоа е цела наука. Треба статистички податоци колку често се појавува такво дело, кај кој вид на популација, да се направи една целосна анализа, па потоа да се каже ова често ни се случува треба да ставиме повисока казна, или не ни се случува често, треба да ставиме пониска казна, а не вака набрзина и преку ноќ.

Глас на Америка: Колку вашите претставки или пријави за незаконско работење на функционери или институции досега имаат судска разрешница?

Билјана Ивановска: Судска разрешница нема за ништо. Не само сега за овие последни пет години, туку воопшто откако постои Антикорупциска. Има само за еден предмет за „Бачило“, во 2003 година и толку. Предметите не доаѓаат до Суд, заглавуваат во Обвинителството. Не се донесуваат јавно-обвинителски одлуки. Сме направиле една анализа, дека помалку од 30 отсто од нашите препораки се применети, што е многу мал процент. Од националната стратегија во 2021 година се спроведоа само 20 отсто од препораките, а во 2022 само десет отсто, што значи дека нема доволно волја, односно уште пострашно, дека политичкото влијание е многу силно и не остава простор за професионалците да си ја извршат својата работа.

XS
SM
MD
LG