Линкови за пристапност

Честитка од Иванов за Обама


И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го поздрави реизборот на американскиот претседател

„Почитуван господине претседател, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот реизбор за претседател на Соединетите Американски Држави, како и да Ви посакам натамошен успех во извршувањето на оваа одговорна функција“, му напиша претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на старо-новиот американски претседател Барак Обама, по повод неговата победа на претседателските избори во САД.

Иванов изразил надеж дека пријателството и партнерството меѓу Македонија и САД и понатаму ќе се продлабочуваат и му се заблагодарил на Обама и за континуираната поддршка во напорите на Македонија за членството во НАТО и во Европската унија

„Господ да го благослови американскиот народ!“, посакува петседателот на владеачката албанска партија - Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, кој во својата честитка за реизборот на Обама, пишува дека претседателските избори во САД ги следел со големо внимание затоа што тие избори се од големo значење за целиот свет, „но особено за Албанците, за Македонија, но и за Западен Балкан“.

Според Ахмети, „покрај пријателството помеѓу нашите два народа, нашата посветеност доаѓа како резултат и на големата инвестиција на американската администрација во градење на мирот, сигурноста, стабилностa, демократијата и евроатлантската перспектива на Македонија, но и на регионот... САД беа, и убедени сме дека ќе бидат и во иднина, многу искрен партнер на Македонија во градење на заедничка иднина на земјите од регионот во НАТО и ЕУ, при што го цениме вашиот ангажман во решавањето на прашањето со името со нашиот јужен сосед што не држи далеку од Брисел“, му пишува Ахмети на Обама.

Според Ахмети, Албанците се многу горди на нивното пријателство со САД и тој го уверува претседателот Обама дека пријателството и соработката ќе продолжат и во иднина, „затоа што ние ги прифаќаме вредностите кои што ги претставува вашата земја и ја делиме истита визија со вас за иднината на нашата земја и регионот“.

По востановената традиција, американската Амбасада во Скопје, организираше јавно следење на расплетот на претседателските избори во САД, на кое беа поканети политичари, дипломати, лица од јавниот живот и невладиниот сектор на Македонија. По победничкиот говор на претседателот Обама, и американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс им се обрати на присутните, потенцирајќи: „Ќе има континуитет на политиката на САД, кон регионот и Македонија. И двајцата претседателски кандидати имаа позитивна политика кон Македонија. САД имаат силни врски и верувам дека Република Македонија нема подобар пријател и поддршка како што е американската и на која може да смета и во иднина:, истакна амбасадорот Волерс.

„Во однос на Македонија и регионот без оглед која опција ќе победеше, политкиката на САД била конзистентна. Очекуваме по изборите да бидат фокусирани на темите посочени во кампањата, а во тој дел и на евроатланстските интеграции на регионот, со оглед дека САД се еден од главните поддржувачи и стартешки партнери за евроатланстките интеграции на Македонија и регионот“, изјави за македонските медиуми министерот за одбрана, Фатмир Бесими, а според социјалдемократот Владо Бучковски, „во изминатите 20 години македонско-американските релации не зависеа од тоа дали на чело на САД е републиканец или демократ. Мислам дека имаат конзистентна политика и не треба да очекуваме ништо спектакуларно не само во односите кон Македонија, туку и кон Западен Балкан“
XS
SM
MD
LG