Линкови за пристапност

Ѓорге Иванов го започна вториот претседателски мандат

  • Соња Трајковска

На потпишувањето на свечената изјава отсуствуваа пратениците на СДСМ, ДУИ и НДП.

Ѓорге Иванов и официјално го започна вториот петгодишен мандат како претседател на Република Македонија. Свечената изјава со која се обврза на извршување на највисоката функција во државата, Иванов ја даде и ја потпиша пред новиот состав на Собранието, во кој не присуствуваа пратениците од СДСМ, ДУИ и НДП.

Токму на ова, Иванов се осврна во во говорот по свечената изјава, повикувајќи да се надминат тесно-партиските и личните интереси и опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности:

„Кога станува збор за државните интереси, неопходно е Република Македонија да настапува со еден глас и со јасен став, за да биде препознаена како стабилна држава, почитувана како одговорен партнер и сојузник. Тоа е обврска и одговорност за секој што го добил мандатот од граѓаните“, истакна ново- стариот претседател.

Токму тој мандат, таа доверба денеска, како што посочи, некои опозициски партии ја доведуваат во прашање, одбивајќи да ги признаат резултатите од претседателските и предвремените парламентарни избори.
„Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата претседател на Република Македонија, всушност ги бојкотираат граѓаните, кои гласале на претседателските избори, истакна Иванов. Оние што го бојкотираат Собранието на Република Македонија за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните кои гласале и за нив. Бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата и бојкот на волјата на граѓаните. Бојкотот е потценување на демократската зрелост на македонските избирачи“, рече претседателот Иванов.

Во инаугуративниот говор, Иванов се осврна и на идејата на ДУИ за консензуален претседател, нарекувајќи ја „категорија која не постои ни во Уставот ни во законите“: „Дадената свечена изјава ме обврзува јавно да укажам и да се спротивставам на идеи и концепти што се спротивни на Уставот и на законите, да се спротивставам на сите уцени и на посегањето по државните интереси на Република Македонија“, истакна Иванов.

Во однос на надворешната политика, тој најави продолжување на досегашниот курс-евроатланстките интеграции, непроменливост на уставното име, заштита на националниот идентитет и посебноста, и принцип на отвореност кон сите:

„Уставот врз кој се заколнав, исто така, ме обврзува да го бранам уставното име на нашата држава. Затоа, нема да дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име – Република Македонија. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот... Остануваме отворени кон оние што ни се најблиски – соседите. Македонија води политика на добар сосед. Ќе иницираме нова етапа во регионалната соработка. Приоритет ќе има меѓусебното поврзување на постојните инфраструктурни коридори. Тоа поврзување ќе ја смени географијата на регионот, ќе ги брише границите, предрасудите и поделбите, ќе ја унапредува соработката и ќе ја гради иднината на сите држави во регионот заедно“, рече претседателот Иванов.

Веднаш по завршувањето на свечената седница, ДПА на Мендух Тачи одржа прес конференција на која ја објасни причината зошто оваа партија на етничките Албанци присуствуваше на инаугурацијата.

„Ние бевме против бојкотот и не сме направиле уцени, закани и терор над гласачите за да не излезат да гласат. Претседателот е легитимен зошто за него гласале повеќето граѓани на Република Македонија“, рече Беким Фазлиу.
За разлика од нив, за ДУИ Иванов и натаму е нелегитимен претседател, иако кој е избран преку легален изборен процес, бидејќи за нив тој не ја одразува волјата на втората по големина етничка заедница во Македонија.

„Која било институција која ја нема волјата на двете заедници, согласно Рамковниот договор, е нелигитимна. Над 90 отсто од Албанците рекоа „не“ на едностраниот претседател и ние ќе ја почитуваме нивната волја. Проблемот на легитимитетот на господинот Иванов не е наш, туку на сите оние кои веруваат дека можат да спроведуваат политички авторитет на повеќе од 90 отсто од Албанците кои му рекоа „не“ на едностраниот претседател“, истакна Талат Џафери.

„Тоа што му тежи на Ѓорге Иванов и од што е загрижен е веројатно неговата совест. Од сопствената совест Иванов не може да сокрие дека е избран со украдени гласови на недемократски избори“, се вели во писмената реакција од СДСМ на инаугуративниот претседателот Ѓорге Иванов.

„На какви избори се избрани Иванов и неговиот ментор Груевски покажува извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, во којшто ниту еднаш не стојат зборовите “фер“ и “демократски“, се наведува во соопштението.

По инаугуративната седница и приемот во Собранието, претседателот Иванов организираше прием и во претседателската резиденција - вилата „Водно“, каде можност да му го честитаат новиот мандат имаа и граѓаните.
XS
SM
MD
LG