Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на крајот на денешната попладневна сесија ќе се обрати на 69-тото Генерално собрание на ОН. Тој учествува на повеќе форуми на Светската организација и одржува серија билатерални средби. Според најавите од неговиот Кабинет, Иванов во обраќањето ќе се осврне на активностите што ги презема Македонија во рамки на антитерористичката коалиција против милитантите на Исламската држава (ИД).
Според истиот извор, тој ќе говори и за можностите за деблокирање на евроатлантските интеграции, ќе побара почитување на усвоените резолуции на ОН во врска со Македонија, како и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг.
Климатските промени ја загрижуваат и Македонија, и Иванов ќе информира за мерките што ги презема Македонија за намалување на емисијата на издувни гасови во атмосферата. До крајот на годината, Македонија ќе го претстави двегодишниот национален план за намалување на емисијата на издувни гасови во атмосферата.
Од Кабинетот на македонскиот претседател наведуваат дека се очекува тој уште еднаш да ја потенцира важноста на постигнувањето на Милениумските развојни цели.
Синоќа, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, по средбата со помошник-државната секретарка за европски и еврозиски прашања Викторија Нуланд, се осврна на соработката Македонија - САД во справувањето со терористичките закани од ИД: “Разговаравме околу билатералната соработка. Америка е заинтересирана на Балканот да имаме подобра соработка во борба и спречување на борци кои одат од Балканот и учествуваат на страна на Исламската држава во Сирија и во Ирак“.
Попоски рече и дека „во делот на билатералните односи, имавме можност да потврдиме дека САД се партнер и еден од најсилните поддржувачи на Република Македонија. Остануваат посветени за наша поддршка, и во НАТО, и за членство во ЕУ“.
Обединетата македонска дијаспора, пак, преку соопштение побара од претседателот Иванов да објави повлекување од преговорите за името.