Политичката ситуација, потребата од помирување, прашањето за името, ЕУ и НАТО-интеграцијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, иднината на Македонија – овие прашања беа само дел од главните поенти во годишното обраќање на шефот на државата, Ѓорге Иванов.
Претседателот Иванов пред пратениците од мнозинството и од опозицијата, во за него невообичаено отворен настап, проговори за теми кои во минатото, пред промената на власта, често ги одмолчуваше:
„Само така ќе изградиме независно судство што ќе овозможи вистинско владеење на правото. Без сузбивање на криминалот и на корупцијата, на паразитската бирократија и клиентелизмот ние не можеме да градиме иднина за Република Македонија. Научените лекции од минатото посочуваат дека отсуство на ветинг- процедури и кодекс на професионална етика во комбинација со семејни врски меѓу високите политичари и високите функционери во УБК е формула за злоупотреба на службената положба и несовесно работење“.
Побара да се спроведува правда, а не, како што го нарече, реваншизам и одмазда за настаните од 27-ми април. Не го заборави ниту прашањето за името.
„Решение за разликата околу името со Грција може да се бара само во рамките на Обединетите нации, каде сме рамноправни. Заемно прифатливото решение мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата“.
Зборуваше и за еден од најгорливите проблеми за граѓаните – загадувањето на воздухот.
„Нашите градови се гушат поради загадениот воздух. Надлежните институции на локално ниво, особено Град Скопје, имаат законска обврска да најдат одржливи решенија за овој сериозен проблем“.
Говорот на Иванов, за владејачкото мнозинство е веќе виден настап:
„Претседателот не успеа да се надмине себе си и партиската реторика на поделби и да покаже дека е на нивото на својата одговорност“ изјави по говорот Фросина Ременски од СДСМ.
За опозицијата, која присуствуваше на седницата, говорот бил државнички:
„Станува збор за содржаен говор на државник, ги опфати сите теми од годината, даде свое мислење “ вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Денешното годишно обраќање беше претпоследно на Иванов, кому напролет 2019-та му истекува вториот петгодишен претседателски мандат.
Facebook Forum