„Наредната година ќе биде година на сериозни одлуки. Знаеме кои сме, што сме и каде одиме. Храбрите ги прати среќата“, изјави во своето годишно обракање пред Собранието шефот на државата Ѓорге Иванов.
Неговиот говор во голема мерка беше посветен на актуелниот грчко-македонски спор кој е и пречка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.
„Ние сме граѓани на европска земја и бараме од Грција, како членка на Европската унија, со нас да се однесува европски. Затоа, уште еднаш порачувам дека не е прифатливо да се разговара за решение што задира во македонскиот идентитет, во македонскиот јазик и во Уставот на Република Македонија како чувар на нашата државна сувереност и нашето национално достоинство. Затоа, сакам да подвлечам, додека сум Претседател на Република Македонија, тоа нема да го дозволам“, изјави Ѓорге Иванов.
Според Иванов, македонскиот државен врв како никогаш досега има јасен став, а тоа е интензивирање на македонско-грчкиот дијалог и трагање по взаемно прифатливо компромисно решение. Вината за немањето решение во македонско-грчкиот спор Иванов ја лоцираше кај некои грчки политичари, а не кај политичарите во Македонија.
Во оваа прилика преседателот Иванов повика на обединување поради стретешката определба за евро-атлантска Македонија и порача дека грешат сите оние, кои сакаат да изнудат судир во државниот врв.
Во своето годишно обраќање претседателот посвети внимание на граѓанскиот сектор и медиумите. Според него постои криза во довербата на овие битни фактори за демократијата која произлегува од економските предизвици. „Замаглувањето на границите помеѓу владиниот и невладиниот сектор, меѓу политиката и медиумите, доведува до состојба во која се губи довербата на граѓаните, но се губи и суштината на демократијата“, изјави Ѓорге Иванов.
Во своето обракање Иванов потецираше дека Македнија останува стратрешки посветена на интеграцијата во НАТО и ЕУ како и на развивањето на меѓуетничките односи и понатамошнатата имплементација на Рамковиот договор.
По настапот на шефот на државата следеа рекации. За опозицијата говорот не е на нивото на државник.
„Говорот дава впечаток како на претседателот да не му е јасно во каква криза запаѓаме токму во областа на евроинтеграциите“, изјави Стојан Андов од ЛП. За социјал-демократите Иванов зборувал вон рамките на реалноста.
„За какво градење на пријатели зборува во меѓународниот свет, кога неговите политички ментори од ВМРО-ДПМНЕ среде Брисел прават резили и ги бркаат пријателите од Македонија“, рече Андреј Петров од СДСМ.
„За жал единствена светла точка во неговото обраќање беа светилките од новогодишната елка“, вели Роза Топузовска Каровска од ЛДП.
„Владејачката ВМРО-ДПМНЕ е задоволна од сработеното на Иванов. За нив тоа е државнички говор. Претседателот на државата Ѓорге Иванов имаше државничко обраќање што ја одразува реалноста во Република Македонија и ги кажува стремежите на нашето општество“, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Владеачката ДУИ изрази задоволство од посветеноста на претседателот на Рамковиот договор.
„Посвети внимание на меѓуетничките односи во Република Македонија, а особено во делот на Охридскиот рамковен договор за кој што идната година ќе биде десетгодишнина“, изјави Сафет Незири од ДУИ.