Линкови за пристапност

Иванка Трамп користела приватна електронска пошта за комуникација со Белата куќа


Наоѓањето упатува на сличности со случајот на противничката на Доналд Трамп во изборната кампања во 2016 година, Хилари Клинтон

Стотици пораки до помошници во Белата куќа и официјални претставници на владата, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка Трамп, која е еден од неговите клучни советници, минатата година испраќала преку својата приватна електронска пошта што ја споделувала со нејзиниот сопруг, советникот во Белата куќа, Џаред Кушнер.

Либерална организација со седиште во Вашингтон смета дека со тоа се прекршени федералните прописи според кои сите комуникации и записи на Белата куќа треба да бидат зачувани за документација.

Наводно објаснувањето на Иванка Трамп било дека таа не била запознаена со правилата.

Случајот доби големо внимание во американските медиуми, особено затоа што потсетува на нападите на Трамп против неговата противничка во кампањата во 2016 година, демократката Хилари Клинтон, токму поради употребата на приватен електронски сервер во нејзиниот дом во Њујорк во време додека била државна секретарка од 2009 до 2013 година. Клинтон на крајот беше ослободена од обвинението, но политичките аналитичари веруваат дека долгата истрага на ФБИ на класифицираните материјали најдени во серверот на поранешната дипломатка придонесоа таа да загуби на изборите.

Адвокатот на Иванка Трамп, Еби Ловел, изјави дека има увид во случајот и дека ги разгледал пораките за да се утврди кои треба да бидат трајно зачувани како дел од документацијата на Белата куќа.

Портпаролот на адвокатот призна дека Иванка Трамп користела приватна електронска пошта додека работела за нејзиниот татко во Белата куќа, но посочи дека има разлика со тоа што Клинтон користела приватен електронски сервер.

„За време на транзицијата од приватен во владин сектор, г-ѓа Трамп понекогаш ја користела нејзината лична електронска пошта, но главно за логистика и планирање со нејзиното семејство“, рече портпаролот.

Но, додаде тој, „Госпоѓата Трамп немала приватен сервер во нејзината куќа или канцеларија, во пораките никогаш не биле вклучени класифицирани информации и ниедна од тие пораки не е избришана.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG