Паника на европските финансиски пазари, Италија се наоѓа во политичка криза, на хоризонтот е нова должничка криза, а популистите и евроскептиците предвидуваат крај на Европската унија.
Тогаш, што е ново?
Во изминативе неколку години, горенаведените заклучоци буквално можеа да се пишуваат секој ден, се разбира во голема мера поттикнати од хипербола.
Меѓутоа, политичката драма во Италија сега е поинаква и може да претставува поголема егзистенцијална закана за Европската унија од Брегзит од пред две години, велат аналитичарите.
Заканата нема да се реализира само ако Италија се политички се стабилизира брзо.
„Не е прв пат Италија да се најде во политичка криза“, вели Ник Отенс, главен уредник на веб страницата Atlantic Sentinel. „Но овој пат, она што се случува во Рим може да има големо влијание врз финансиските пазари, еврото и долгорочната иднина на Европската унија како целина“, додава тој.
Вчера на глобалните финансиски пазари беше забележана масовна продажби на европски акции, а еврото падна на најниско најниско ниво во однос на доларот за речиси една година. Инвеститори се свртеа кон американските хартии од вредност, оживувајќи ги спомените за должничката криза во Грција.
Продажбата се случи откако италијански претседател Серџо Матарела стави вето на изборот на министер за финансии кој беше предложен од страна Движењето пет ѕвезди и анти-имигрантската Северна лига, и кој има став против еврото. Со тоа се распадна коалиционата влада, а по само 90 часа оставка даде и номинираниот премиер. Ова беше неверојатен пресврт, дури за хаотичните политички стандарди во Италија.
Одлуката на Матарела да го кандидира поранешниот економист на Меѓународниот монетарен фонд, Карло Котарели за раководител на владата исто така се соочува со проблеми.
Планот на претседателот е одржување на избори следната година. Но, се очекува Котарели да не добие доверба во италијанскиот парламент, поради противењето на двете популистички партии кои имаат парламентарно мнозинство, принудувајќи го претседателот да распише предвремени избори, како што бараат популистите, најверојатно во јули.
Италијанските политички превирања го вклучија алармот во Европа затоа што се смета дека државата е на пат за излез од еврозоната, и покрај анкетите кои укажуваат дека граѓаните сакаат да го задржат еврото, а се спротивставуваат на мерките за штедење наметнати од Брисел.
Вчера, милијардерот Џорџ Сорос рече дека се плаши од тоа дека Европската унија се движи кон уште една голема финансиска криза која е предизвикана од популистичките партии кои имаат намера да го распарчат блокот.
„ЕУ е во егзистенцијална криза. Се` што можеше, тргна наопаку“ рече тој во говор во Лондон.
Италија е трета по големина земја во еврозоната и евентуалниот конфликтот со Брисел ќе го тестира блокот далеку повеќе отколку Брегзит.
Европските официјални претставници стравуваат дека на повторните парламентарни избори италијанските популисти ќе добијат многу повеќе гласови.
Лидерот на Северната лига, Матео Салвини има намера изборната кампања на неговата партија да ја претстави како референдум за односите со ЕУ. Анкета објавена минатата недела покажа дека 61 отсто од Италијанците веруваат дека нивниот глас не се слуша во Брисел. Исто така истражувањето на јавното мислење покажува дека поддршката за Северната лига е 22 проценти, пет проценти повеќе отколку што освои на изборите во март.
Лидерот на Пет ѕвезди, Луиџи Ди Мајо чија партија освои 32 отсто од гласовите на изборите во март ги повика поддржувачите на партијата да присуствуваат на протестите против акциите на Матарела, за кои вели дека се „најтемна ноќ во италијанската демократија“.
Facebook Forum