Позицијата на Италија, една од клучните земји-членки на Европската Унија, е дека ЕУ мора да остане активна на Западниот Балкан и да ги испорача ветувањата кон граѓаните за европска иднина. Шефот на италијанската дипломатија кој денеска допатува во Скопје како дел од неговата мини-регионална турнеја предупреди дека надворешни сили имаат свои интереси на Балканот и ја чекаат својата шанса. „Ако не подадеме рака, некој друг ќе не замени“, порача Антонио Тајани.
„Ако не покажеме дека сакаме да ја подадеме раката кон оние што ни ја бараат – ако кажеме `не ве сакаме`, тоа не е прифатливо за нас зашто Италија отсекогаш имала силен однос кон Земјите од Западен Балкан. Сакаме да го забрзаме темпото на пристапување кон ЕУ и за тоа се залагме во европските институции. Верувам дека нашето залагање за Балканот не е само политичко, туку е и квалитетно. Треба да се подаде рака кон оние кои сакаат да бидат со нас Европејците, особено нашите пријатели од Балканот, притоа внимавајќи на европските правила за пристапување. Ако ние ова не го направиме, некој друг ќе сака да не замени, на пример Русија, Кина, па дури и Турција. Ние сме убедени дека Балканот е интегративен дел од ЕУ“, рече Тајани.
Беше јасен и во делот на тоа дека официјален Рим останува посветен на евроитеграцијата на земјава, но беше внимателен во одговорот на прашањето што мисли за можноста за измени на Преговарачката рамка и за потенцијално отворање пат за иницијативата на новата влада во Скопје за одложна примена на уставните измени – услов критичен за отворање на преговарачките поглавја.
„Ќе ги причекаме предлозите и формулациите од Северна Македонија. Мислам дека се диксутира на оваа тема, треба да се најде договор со Врисел, ние го поддржуваме дијалогот и од стратешки аспект ќе продолжиме побрзото пристапување на Северна Македонија. Секако, договарањето е меѓу двајца. Северна Македонија испрати важи пораки за да одговри на барањата на Европа и земјата же реши како да продолжи во директниот дијалог со Брисел“, додаде тој.
Шефот на македонската дипломатија повтори зошто владата бара уставни измени со одложено дејство притоа тврдејќи дека за такво нешто нема потреба од промена на Преговарачката рамка која ја поддржаа сите земји-члнеки на Унијата вклучувајќи ја и Бугарија.
„Не го делам стаот дека за модел на одложна примена на уставните измени се потребни промена на Преговарачката рамка. Ние имаме за цел да имаме предвидлив пат кон ЕУ, а и да ја заштитиме политиката на проширување врз база на вредности. Сметам дека со овој принцип на одложни примени го штитиме нашиот национален интерес за повторно да не бидеме понижени како во минатото, а и да обезбедиме дека патото понатаму ќе биде врз база на стандардите. Тие позиции ги има владата, а тие беа и дел од нашата партиска програма за време на изборите“, рече министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Муцунски треба да биде дел од делегацијата предводена од шефицата на државата Сиљановска-Давкова која в петок ќе замине за Софија. Таму Сиљановска-Давкова ќе се сретне со бугарскиот претседател Румен Радев што ќе биде прв ваков состанок по нејзиниот избор. Повод за патувањето е гостувањето на ансамблот на Националната опера и балет во Софија. Според најавите, на средбата не се очекува отворање суштински теми, туку разговори кои треба да бидат во функција на релаксирање на тенизчните односи меѓу двете земји.