Линкови за пристапност

Италија на пат да ја напушти кинеската иницијатива „Појас и пат“


Џорџа Мелони, премиерката на Италија, рече дека одлуката ќе биде донесена подоцна оваа година
Џорџа Мелони, премиерката на Италија, рече дека одлуката ќе биде донесена подоцна оваа година

Италија вели дека до крајот на годината ќе одлучи дали ќе ја напушти кинеската иницијатива „Појас и пат“, вредна повеќе милијарди долари. Но, италијанската влада била разочарана поради немањето економски придобивки. Известува Хенри Риџвел.

Италија е единствената членка на Групата седум големи индустриски земји што се пријавила за кинеската иницијатива „Појас и пат“, или БРИ, уште во 2019-тата година.

Но, Рим размислува да се откаже по само четири години од своето членство. Премиерката Џорџија Мелони разговараше со новинарите по средбата со кинеската делегација на минатонеделниот самит на Г-20 во Индија.

„Има европски земји кои во последниве години не беа дел од „Појас и пат“, но беа во можност да воспостават поповолни односи со Кина од претходно“, изјави Џорџа Мелони, премиерка на Италија.

Мелони рече дека одлуката ќе биде донесена подоцна оваа година. Аналитичарите велат дека Италија не ги добила економските придобивки на кои се надевала кога влегла во партнерството со БРИ.

„Трговскиот биланс е сè уште во голема мера во корист на Кина, додека италијанскиот извоз во Кина не се зголеми“, објаснува Филипо Бони, универзитетски професор за политички науки.

Италија, исто така, го преиспитува своето членство во БРИ од геополитички причини.

„Се појави одредена дипломатска стигма поврзана со тоа, делумно затоа што целиот Запад ги преиспитува своите односи со Кина“, вели Луиџи Сказиери од Центарот за европски реформи.

Западните сојузници на Италија се залагаат за намалување на зависноста од некои кинески увози и ограничување на продажбата како што се полупроводниците од Кина.

Во меѓувреме, Италија ги блокираше кинеските фирми да купуваат од нејзините најголеми компании - вклучувајќи го и производителот на гуми Пирели.

„Тоа е навистина јасен сигнал што владата во Рим им го испраќа на своите партнери во Европската унија, и што е најважно на Вашингтон, за позицијата на Италија на меѓународната карта“, додава Бони.

Кина оваа недела тврдеше дека БРИ е од корист за нејзините членки.

„Иницијативата „Појас и пат“ привлече повеќе од 150 земји и голем спектар на партнери во различни области во изминатите 10 години и донесе опипливи придобивки за луѓето од сите земји“, изјави Мао Нинг, портпаролка на Министерство за надворешни работи на Кина.

Италија вели дека сè уште сака да ја зајакне трговијата со Пекинг, но надвор од БРИ.

„Стравот дека Пекинг ќе реагира на негативен начин е токму причината зошто Мелони беше внимателна како да ја извлече Италија од БРИ“, смета Сказиери.

Додека БРИ или „Појас и пат“ ја одбележува својата 10-годишнина, Пекинг го пренасочува својот фокус на изградба на инфраструктури за обновлива енергија, инвестирајќи милијарди долари во секторот на глобално ниво.
Експертите велат дека би било тешко за Европа да го исклучи Пекинг во нејзиниот притисок за декарбонизација, бидејќи Кина е доминантен играч во синџирот на снабдување со зелена енергија.

XS
SM
MD
LG