Светската популација веројатно ќе го достигне врвот од 9.7 милијарди луѓе околу 2064-та година, а до крајот на овој век ќе се намали на 8.8 милијарди, покажуваат пресметките објавени во научниот журнал Лансет. Во моментов на планетава има 7.8 милијарди луѓе.
Мислам дека ова е една од најдлабоките промени со кои се има соочено човештвото до сегаКрис Муреј, коавтор на истражувањето
Ова пресметка не е во согласност со проекциите на Одделот за население на Обединетите Нации (ООН) според кои светското население треба да биде 10.9 милијарди до 2100-та година и да продолжи да се зголемува.
Шефот на Одделот за население на ООН, Џон Вилмот, вели дека новата пресметка е екстремна.
Сепак, доколку се покаже дека е точна, намалувањето на бројот на жители би имало далекусежни последици.
„Мислам дека ова е една од најдлабоките промени со кои се има соочено човештвото до сега“ вели коавторот на истражувањето Крис Муреј кој е директор на Институтот за здравствени статистики и евалуации на Универзитетот на Вашингтон.
Тоа би биле одлични вести за животната средина. На пример, помалку луѓе би создавале помалку стакленички гасови и други загадувачи. Би се намалила побарувачката за храна со што би се намалил притисокот што го прави земјоделството врз почвата и водата.
Што ќе се случи кога ќе немате млади луѓе кои ја купуваат својата прва куќа, својот прв фрижидер или прв автомобилДерел Брикер, коавтор на книгата „Празна планета“
Но, ова целосно би ја превртело економијата.
Помалото население значи помалку работници што значи и помал Бруто домашен производ. Последиците би биле и намалување на бројот на потрошувачи кои се во основата на глобалната економија.
„Што ќе се случи кога ќе немате млади луѓе кои ја купуваат својата прва куќа, својот прв фрижидер или прв автомобил“ прашува Дерел Брикер, коавтор на книгата „Празна планета: шокот од глобалното намалување на населението“. Брикер не бил вклучен во ова научно истражување.
Со стареењето на населението се намалува и плодноста.
„Ова е многу посериозно од едноставно намалување на населението“ вели професорот по социологија на Универзитетот Браун, Женчао Кин кој исто така не е дел од ова истражување.
Помала работна сила ќе треба да одржува поголема стара популација, објаснува Кин, кој ги отвора политичките и фискалните прашања кои ќе се појават за системите на здравствена и социјална заштита.
Ова е многу посериозно од едноставно намалување на населениетоЖенчао Кин, професор по социологија на Универзитетот Браун,
Намалувањето на населението може да има и геополитички последици. Помалку работници значат помалку потенцијални војници, вели Муреј.
„Балансот на моќта меѓу државите отсекогаш бил поврзан со големината на работоспособното население“ вели тој.
Стапките на раѓање се намалуваат низ целиот свет пред се поради тоа што се повеќе жени добиваат пристап до образование и контрацепција.
„Тоа е во суштина приказна за женската еманципација“ вели Брикер, коавтор на книгата „Празна планета“
Главната разлика меѓу новата проекција и онаа од ООН е во очекувањата за тоа што ќе се случи откако ќе се израмнат стапките на раѓање.
Населението останува стабилно кога секоја жена во просек раѓа по нешто повеќе од две деца. Демографите тоа го нарекуваат „стапка на замена“. Кај побогатите држави просечната стапка на раѓање е околу е 1.6. Во Јапонија, Сингапур и Италија таа е само 1.3.
Обединетите Нации проектираат дека со тек на време стапките повторно ќе пораснат до околу 1.75.
Муреј не се согласува со ова.
Населението во 23 држави како Јапонија, Тајланд и Шпанија ќе биде преполовено до 2100-таИстражување објавено во Лансет
„Не гледаме знаци за такво нешто“ вели тој. „Мислиме дека појавата која веќе ја имаме во места како Јапонија, Кореја, Сингапур и делови од Европа ќе стане глобална“.
Неговите проценки се дека до 2100-та година речиси секоја земја во светот ќе има стапка пониска од 2.0 раѓања по жена. Населението во 23 држави како Јапонија, Тајланд и Шпанија ќе биде преполовено до тогаш. Уште 34 држави ќе изгубат меѓу четвртина и половина од своите жители. Се очекува бројот на жители на Кина да биде помал за 48%.
Ова е под претпоставка дека Муреј и неговите колеги се во право.
Миграцијата ќе стане неопходност а не опција за некои државиИбрахим Абубакар, директор на Институтот за глобално здравје на Универзитетот во Лондон
Шефот на Одделот за население на ООН, Џон Вилмот, вели дека двете проекции се базираат на претпоставки и искуства само од изминативе неколку векови, па затоа, додава тој, постои голема несигурност во предвидувањата.
„Ќе знаеме многу повеќе за 10 или за 20 години. За сега до некаде мораме и да погодуваме“ вели Вилмот.
Доколку населението навистина се намали Муреј вели дека државите имаат три опции.
„Една е на жените да им се олесни можноста во исто време и да работат и да имаат деца, ова подразбира долги породилни отсуства и поддршка за мајките на мали деца“ вели Муреј.
Повеќето држави кои ги имаат имплементирано овие мерки имаат резултати, вели тој и додава дека сепак тие не се доволни за да ја кренат стапката над 2.0 раѓања по жена.
Втората опција е отворање на границите за имигранти.
Во делови од Западот јавното мислење во моментов е против оваа опција.
На пример, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп бара начини да го намали доселувањето во земјава.
Опозицијата на мигрантската политика на Европската Унија го поттикна и гласањето за Брегзит.
Сепак, доколку овие проекции се и половина точни, миграцијата ќе стане неопходност а не опција за некои држави, напиша директорот на Институтот за глобално здравје на Универзитетот во Лондон Ибрахим Абубакар во коментар во склоп на публикацијата објавена во Лансет.
Третото сценарио за кое според Муреј постои вистински ризик е земјите да бидат во искушение да ги ускратат репродуктивните права на жените со цел да извршат притисок врз да имаат повеќе деца „во корист на државата“.
Главниот исклучок на проекциите на Муреј се земјите од Супсахарска Африка.
„Образовното ниво на жените се зголемува, но се уште е на многу ниско ниво во многу држави каде и продолжува да се зголемува со многу споро темпо“ вели тој.
Се грижам дека во суштина го потценуваме а не дека го преценуваме идниот раст на населението во АфрикаЏон Вилмот, шеф на Одделот за население на ООН
Сепак, на долг рок постои голема неизвесност.
„Стапките на раѓање се уште се навистина високи, но се спуштаат. Урбанизацијата стигнува и во овој дел од светот и тоа со многу брзо темпо а таа секогаш е проследена со намалување на стапката на раѓање“ вели Дерел Брикер, коавтор на книгата „Празна планета: шокот од глобалното намалување на населението“.
Од друга страна шефот на Одделот за население на ООН, Џон Вилмот, вели дека морале постојано да прават нагорни корекции на проекциите за Африка.
„Се грижам дека во суштина го потценуваме а не дека го преценуваме идниот раст на населението во Африка“ вели тој.