Линкови за пристапност

Истражување на професорот Стојановски: Младите сè повеќе сакаат да студираат во странство


Мотивацијата на младите претежно се врзува за економски фактори. Младите сакаат да имаат поголеми примања и сакаат да имаат поквалитетен живот, вели професорот Стојановски
Мотивацијата на младите претежно се врзува за економски фактори. Младите сакаат да имаат поголеми примања и сакаат да имаат поквалитетен живот, вели професорот Стојановски

Професорот од правниот факултет во Штип, Страшко Стојановски за Глас на Америка вели дека истражувањето кое неодамна го спровеле им покажало дека од 13 отсто пред пет години, сега интересот за студирање во странство се зголемило на 21 процент

Младите сè повеќе заинтересирани да студираат во странство
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:44 0:00

Глас на Америка: Неодамнешно истражување на Правниот факултет при УГД Штип, како дел од проектот „Млади, миграции и образование“ покажа зголемен интерес кај младите за студирање во странство?

Страшко Стојановски: Самите резултати се однесуваат на источните и централните делови на Македонија. Тука можеме да воочиме дека перцепцијата за тоа дали би студирале или не би студирале речиси е непроменета и изнесува меѓу 65 и 70 отсто. Перцепцијата кај младите е дека би сакале да студираат надвор од државата, која пред пет години изнесуваше околу 13 отсто, сега веќе се зголемува на 21 отсто, кај средношколци од трета и четврта година. Ако ги вкрстиме податоците само за четврта година, тој процент се зголемува на 24 отсто.

Глас на Америка: Друго истражување во кое беа вклучени млади до 35 години, ви покажа дека 78 отсто од нив својата иднина ја гледаат во странство. Зошто?

Страшко Стојановски: Мотивацијата на младите претежно се врзува за економски фактори. Младите сакаат да имаат поголеми примања и сакаат да имаат поквалитетен живот. Веднаш на второ место тука доаѓаат факторите на релативната политичка нестабилност или неизвесност во државата, перманентните политички кризи кои ни се случуваат и високото ниво на политизација во сите сфери на општеството и младите се чувствуваат несигурни.

Глас на Америка: Коj е главниот мотив што ги тера младите да студираат надвор од државата?

Кога се работи за образовна миграција главниот мотив се врзува со  квалитетот на наставните програми и рејтингот на универзитетите. Очигледно е дека младите избираат дестинации за кои сметаат дека имаат поквалитетни наставни програми

Страшко Стојановски: Кога се работи за образовна миграција главниот мотив се врзува со квалитетот на наставните програми и рејтингот на универзитетите. Очигледно е дека младите избираат дестинации за кои сметаат дека имаат поквалитетни наставни програми. Главните дестинации последните пет-шест години, зборувам за масовно студирање, односно масовна образовна миграција е поврзана со образовните политики, а јас ги потенцирам и како демографски стратегии, кои ги има Словенија и кои ги отвори нејзините универзитети за потенцијални студенти од регионот на Југоисточна Европа, пред се тука влегуваат земјите од поранешна Југославија со исклучок на Хрватска. И Словенија на овој начин сака да си пополни дефицитарни делови од населението бидејќи и од таму има миграции во останатите делови од Европа и светот. Ако ви кажам дека оваа тенденција е речиси дуплирана за период од пет години, навистина ова е загрижувачко. Добро е ако очекуваме младите да студираат таму да стекнат нови компетенции и да се вратат во Македонија, но праксата покажува дека многу лесно ваквата привремена миграција се трансформира во трајна миграција. Има одредени, односно многу помали тенденции за студирање во големите градови во Бугарија.

Глас на Америка: Кои студиски програми се најбарани меѓу младите?

Страшко Стојановски: Тука немаме некаква разлика со домашните универзитети, со перцепциите. Изборот се сведува на неколку факултети. Доминираат информатичките науки, нешто што не е зачудувачки, затоа што имаме голема експанзија и прогрес и примањата понатаму кога ќе се реализира професионално. На второ место се медицинските науки, понатаму следуваат правните и економските факултети.

Глас на Америка: Потребни ли се нови образовни политики во земјава за да се спречи ваквиот негативен тренд?

Страшко Стојановски: Прво треба да имаме фундаментални истражувања во кои што ќе се детектираат јасно одредени фактори и тенденции во државата. Понатаму државата треба да преземе одредени стратегии кои што се поврзани со развој на науката и привлекување на младите на матичните универзитети кои се во државата. Образовниот пазар е либерализиран и ние не можеме да го запреме, меѓутоа може да има одредени реакции, бидејќи се работи за класична демографска стратегија на Словенија, не се работи за чиста образовна политика и тука треба преку нашите дипломатски канали, не да упатиме нота до Словенија, туку неофицијално можеме да реагираме со цел да запреме вака голем одлив на млади. Можеби треба и малку посериозно да се работи на промовирање на наставните програми во Македонија. Многу повеќе треба да работиме и во насока на интернационализација, осовременување на програмите, малку поинаков и посовремен пристап во делот на користењето на електронски технологии.

XS
SM
MD
LG