По руската агресија на Украина се засилува ширењето на руската пропаганда во Македонија чија цел е внесување раздор во општестовото и запирање на процесот на интеграција во ЕУ, покажува студијата на невладината „МОСТ“. Социјалната мрежа „Фејсбук“ е еден од центрите каде се детектирани развиени и координирани мрежи кои ја засилуваат руската пропаганда, дезинформациите и манипулациите со информации. Се забележува масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Северна Македонија. Државниот врв и Стејт департментот повеќе пати има предупредувано дека Северена Македонија е мета на руската пропаганда и ширење на лажни вести за да се спречи и наруши процесот на интеграција на државата во ЕУ
СКОПЈЕ – Руската пропаганда е сè попристуна, пораширена и посилна во онлајн просторот во Северна Македонија и преку неа се зголемува влијанието на официјален Кремљ и се засилуваат напорите за поделби и поларизација во општеството, поткопување на довербата во институциите и медиумите и предизвикување на вознемиресност кај граѓаните.
Ова се само дел од заклучоците на студијата „Една година од руската агресија врз Украина“ изработена од граѓанската асоцијација „МОСТ“ а во која се анализираат руската пропаганда, влијание и дезинформации во Северна Македонија.
„Студијата откри масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Северна Македонија, користење на медиумите под контрола на руската држава како извори во статиите, проруски пораки од политичари од регионот, па и пошироко, кои се руски сојузници, како и повеќе случаи на координирано масовно ширење на содржините на Фејсбук преку добро воспоставена и координирана проруска инфраструктура“, изјави Росана Алексоска, авторка на студијата.
Руското влијание во Северна Македонија е во согласност со концептот на „остра моќ“ преку промовирањето на Словенско-православното братство и користењето на црквата. Како доказ може да се посочи во јануари годинава, посетата на Северна Македонија од страна на Владиката Антонија, втор човек по хиерархија во Руската православна црква.
Руската пропаганда се обидува да ја востанови мислата и идејата дека граѓаните во Северна Македонија немаат ништо заедничко со западниот свет и на тој начин да се генерира и засили отпорот кон Европската Унија и НАТО.
„Лажните тврдења дека Западот е главниот непријател на словенскиот и православниот свет добија многу интеракции, со тоа што ги таргетираа емотивно наелектризираните религиозни и перципирани културни врски меѓу Северна Македонија и Русија и ја искористуваа комплексната мултиетничка историја на регионот. Ваквите наративи предизвикуваат поделба во мултиетничка Северна Македонија и на Балканот воопшто“, стои како заклучок во студијата.
И кога станува збор за медиумите и пред се онлајн порталите, истражувачите во „МОСТ“ откриваат дека голем број портали едноставно ги пренесуваат руските функционери или медиумите контролирани од Русија, и покрај тоа што тие најчесто шират лаги и дезинформации.
„Со ова медиумите ги поддржуваат руските напори и ги засилуваат пораките кои користат фрази и јазик што создаваат заблуди и погрешни перцепции кои придонесуваат руските наративи и пропаганда да бидат подопадливи од една страна, а публиката поподложна на истите од друга страна. Медиумите треба да бидат свесни дека зборовите се оружје во рацете на Кремљ за ширење дезинформации“, смета Алексоска.
Социјалната мрежа „Фејсбук“ е еден од центрите каде се детектирани развиени и координирани мрежи кои ја засилуваат руската пропаганда, дезинформациите и манипулациите со информации.
„Овие мрежи прокламираат екстремно десничарска и националистичка идеологија, со што придонесуваат за промовирање на националистичка, ксенофобична и нелиберална содржина која создава поделби. Ваквото координирано масовно ширење ги манипулира алгоритмите на социјалните медиуми и може да придонесе за ситуација во која наративите се искачуваат повисоко на општествената агенда, а во одредени случаи допираат дури и до меинстрим медиумите“, заклучи Алексоска.
Како пример во студијата е претставен чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, чии изјави беа присутни во целиот анализиран период.
„Пренесувањето на Кадиров може да зборува и за аспектот на понудата и побарувачката во медиумскиот простор во Северна Македонија, што претставува многу голем проблем и предизвик за општеството. Беа забележани и други случаи на масовна дисеминација кои особено ги амплифицираа пораките на рускиот амбасадор во Северна Македонија, Баздникин, и српскиот претседател Вучиќ“, објасни Алексоска.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, одговарајќи на новинарски прашња, кажа дека влијанието на Кремљ може да се види и во процесот на уставните измени и дека тоа е еден од ценитрите од каде се шират лаги за „асимилација“ и „бугаризација“.
„Се работи за техничка измена на Уставот во која што покрај постојните делови од народи кои се дел од нашата Преамбула се додаваат делови од други народи кои досега не биле дел од Преамбулата, меѓутоа биле наведени под „други“ во самата Преамбула и со тоа практично се демантираат сите оние невистини, лаги, хистерија кои се ширеа во текот на изминатата година во однос на тоа дека во Македонија ќе се случела бугаризација, асимилација итн. Гледате дека тоа веќе не постои во јавниот дискурс, освен од неколку платени руски ботови, т.н. аналитичари па и некои политичари, коишто заради финансиски средства мораат така да зборуваат, изјави премиерот Ковачевски.
Државниот врв во изминатите неколку години повеќе пати реагираше и посочувапе дека Москва финансира политички субјекти во Македонија и се меша во внатрешните работи на земјата. Токму затоа во три наврати дваесетина дипломати од амбасадата на Русија беа проглаенсени за „персона нон грата“ и мораа да ја напуштата Северна Македонија, што наиде на реципрочен одоговор од официјална Москва.
Високи претставници на американскиот Стејт Департмент исто така во неколку наврати изјавија дека Русија стои зад обидите да се спречи влез на Северна Македонија во Европската Унија ширејќи дезинформации.
Северна Македонија како членка на НАТО, по агресијата на Украина од страна на Русија воведе санкции кон Руската федерација и во неколку наврати ѝ додели и воена помош на Украина.
Студијата се подготвуваше во текот на 2022 и 2023 г. во рамките на програмата „Борба со лажни вести и наративи“ спроведувана од страна на Граѓанската Асоцијација МОСТ започнувајќи од 2019 година. Во рамките на студијата обработени се повеќе од 4.000 статии и повеќе од 10.000 објави на Фејсбук, што ја прави студијата прва од ваков тип во Северна Македонија и пошироко во регионот.