Линкови за пристапност

Нетанјаху кажа дека опстанокот на неговата земја е во прашање


Реакциите на обраќањето на премиерот на Израел во Конгресот: топли од републиканските законодавци, ладни од Белата куќа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека чувствува „голема обврска да зборува во Конгресот“ за прашањето што може да го доведува под прашање опстанокот на неговата држава: иранската намера да дојде до нуклеарно оружје.

Во обраќањето, што поттикна контроверза, Нетанјаху ја истакна тезата пред американските законодавци колку сериозна опасност Иран преставува за неговата земја.

Иран е спонзор на тероризмот ширум светот, оцени Нетанхају и додаде дека режимот на Техеран е „порадикален од кога било“ и оти не смее да му се верува.

Според него, евентуалниот договор со САД нема да го одврати Иран од патот до производство на атомска бомба, туку само ќе му го отвори патот.

„Тоа е лош договор. Подобро ќе биде без него“, рече Нетанјаху.

Нетанјаху доби топол прием при влегувањето во Претставничкиот дом, што му даде основа да се обиде да ја намали тензијата што го следеше настанот.

„Жал ми е што некои го гледаат моето присуство како политичко“, рече тој и додаде дека му е благодарен на претседателот Обама за неговата јавна и политичка поддршка на Израел, вклучувајќи ја американската воена поддршка и придонес во израелскиот противракетен систем.

„Цениме се` што претседателот Обама сторил за Израел“, рече израелскиот премиер.

Во реакциите по говорот, иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф рече дека Нетанјаху се обидува да влијае врз преговорите за иранската нуклеарна програма.

„Тој се обидува да создаде напнатост и конфликт што никому не му користи“, рече Зариф за Си-Ен-Ен пред разговорите во Женева со државниот секретар Џон Кери.

Портпаролката на Стејт департментот Мари Харф го предупреди Нетанјаху да не открива детали за договорот кои се споделени во во доверба на класифицираните брифинзи со Израелците.

Претходно, вишата советничка во Белата куќа Валери Џерет, за МСНБЦ изјави дека Обама нема да го гледа обраќањето во Конгресот, затоа што „има полна агенда во денот“.

XS
SM
MD
LG