Израел ги вклучи своите копнени трупи во офанзива против палестинските милитанти, со што се зголемуваат стравувањата дека петдневниот конфликт може да се претвори во сеопфатна војна.
Израелски воен портпарол рече дека Израел користел 160 воени авиони и три бригади копнени трупи како и тенкови во нападот.
Претходно, израелските одбранбени сили објавија на Твитер дека нивните трупи „во моментов го напаѓаат појасот Газа“. Но, подоцна појаснија дека војниците пукале со артилерија од внатрешноста на Израел.
Потполковник Џонатан Конрикус рече дека фокусот на нападот на Израел врз Газа бил елаборираниот систем на тунели што Хамас го градел со текот на годините.
Жителите на Газа во близина на границата со Израел за Ројтерс потврдија дека не виделе никакви знаци на израелски копнени сили во енклавата, но пријавија силен артилериски оган и десетици воздушни напади.
По неколкудневни борби, Советот за безбедност на Обединетите нации се согласи да се состане во недела за да разговара за ситуацијата, откако плановите за одржување состанок беа одложени поради загриженоста на САД.
„САД ќе продолжат активно да се занимаваат со дипломатија на највисоки нивоа за да се обидат да ги намалат тензиите“, напиша на Твитер американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.
Facebook Forum