Линкови за пристапност

Нетанјаху во Европа - бара напуштање на Иранскиот нуклеарен договор


Според израелскиот лидер, вмешаноста на Иран ќе предизвика нова бегалска криза

Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху денеска е во Париз, во рамки на продолжителните напори да ги убеди европските лидери да го напуштат Нуклеарниот договор со Иран.

Нетанјаху својата тридневна европска турнеја ја започна во понеделникот во Германија, и притоа ја предупреди канцеларката Ангела Меркел, дека иранското мешање на Блискиот Исток може да предизвика нова голема бегалска криза во Европа.

За време на заедничката прес-конференција, израелскиот лидер рече дека Техеран сака да спроведе религиозна кампања во Сирија со доминатно сунитско население, и тоа со користење шиитска паравојска, што би била контролирана од Иран, а со фокус на Сунитите муслимани.

„Ова ќе предизвика уште една верска војна - овојпат во Сирија, а како резултат ќе има многу, многу повеќе бегалци, а знаете каде точно ќе дојдат“, рече тој.

Германија и други европски држави регистрираа прилив на преку еден милион мигранти, криза што креираше длабоки политички поделби и поттик на подемот на екстремно десничарските партии.

Меркел кажа дека се согласува оти активностите на Иран на Блискиот Исток се загрижувачки, но го бранеше Нуклеарниот договор како начин за спречување на нуклеарните и регионалните амбиции на Техеран.

Европејците и Израел беа, рече таа, „обединети во целта дека Иран никогаш не смее да дојде до нуклеарно оружје“. Канцеларката потоа додаде: „Ние го поддржуваме правото на Израел за безбедност и сме му го кажале ова на Иран безброј пати“.

Нетанјаху ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, а утре со британската премиерка Тереза Мај.

Велика Британија, Франција и Германија, договорот со Иран го постигнаа во 2015-та година, заедно со Русија, Кина и САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп, минатиот месец објави дека САД се повлекуваат од она што го нарече, „ужасен, едностран договор“, велејќи дека сака дополнителни ограничувања на иранската програма за балистички проектили и „дестабилизирачките активности на оваа земја на Блискиот Исток“.

Другите потписници изразија желба за задржување на Нуклеарниот договор, велејќи дека функционира.

Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф, спогодбата ја нарече резултат на „прецизни, чувствителни и балансирани мултилатерални разговори“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG