Државниот секретар на САД, Антони Блинкен, го истакна правото на Израел да се брани, за време на денешната посета на Ерусалим, како дел од обидот за изградба на примирје меѓу Израел и Хамас, што стапи на сила кон крајот на минатата недела.
Говорејќи заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Блинкен рече дека и Израел и Палестинците доживеале „длабоки“ загуби за време на борбите и дека претстои уште многу работа за враќање на надежта, почитта и довербата.
„Жртвите честопати се сведуваат на бројки, но зад секој број стои индивидуално човечко суштество - ќерка, син, татко, мајка, баба и дедо, најдобар пријател“, рече Блинкен. „Да се изгуби живот значи да се изгуби целиот свет, без разлика дали тој е Палестинец или Израелец“.
Блинкен рече дека САД ќе обезбедат меѓународна поддршка околу помошта за реконструкција на Газа. Тој исто така вети помош за проширување на економските можности за Палестинците и во Газа и на Западниот брег, велејќи дека со тоа ќе се обезбеди постабилно опкружување од кое ќе имаат корист и Палестинците и Израелците.
Нетанјаху им се заблагодари на САД за нивната поддршка, истовремено предупредувајќи ги милитантите да го задржат прекинот на огнот.
„Ако Хамас го наруши примирјето и го нападне Израел, нашиот одговор ќе биде многу жесток“, рече тој.
Нетанјаху исто така го изрази своето спротивставување на можноста САД да се приклучат на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите. Израелскиот лидер долго време беше критичар на договорот, повторувајќи го денес своето верување дека „му го отвора патот на Иран да има арсенал нуклеарно оружје со меѓународен легитимитет“.
САД се повлекоа од договорот во 2018-та година под водство на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Facebook Forum