Линкови за пристапност

Планираната анексија на Израел на дел од Западниот Брег би можела да предизвика религиска војна, предупредија ОН


Овој потег не е само против меѓународното право, туку и сериозно ќе го наруши односот меѓу Израел и Палестинската самоуправа, рече специјалниот претставник на ОН на Блискиот Исток Николај Младенов

Меѓународни официјални лица предупредуваат дека планираната анексија на Израел на дел од територијата на Западниот Брег, на 1-ви јули, би можело да предизвика религиска војна.

Обраќајки се пред новинарите, специјалниот претставник на Обединетите нации на Блискиот Исток Николај Младенов, рече дека е против планираната анексија на Израел на дел од Западниот Брег.

„Оовој потег не е само против меѓународното право, туку и сериозно ќе го наруши односот меѓу Израел и Палестинската самоуправа, како и меѓу Израелците и Палестинците генерално. Вакво нешто во време на пандемија и глобална економска рецесија, ќе има економски и безбедносни последици“, рече Младенов.

Мировниот план на администрацијата на Трамп за Блискиот Исток, кој беше предложен во јануари, дозволува Израел да припои 30 проценти од територијата на Западниот Брег.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, рече дека ова е ретка можност за Израел, и оти тој планира да припои барем дел од 130 еврејски заедници, кои се лоцирани таму.

Палестинците предупредија дека би можеле да возвратат со насилство.

„Се надевам дека тоа нема да се случи и оти ова нема да ги оддалечи страните од мировниот пат“, изјави Младенов.

Палестинската самоуправа веќе ги прекина односите со Израел, во знак на протест против планираната анексија на делот, што Палестинците сметаат дека мора да биде дел од идната палестинска држава.

Палестинците, особено оние во Појасот Газа, веќе страдаат. Осуммесечно бебе, кое требаше да има операција на срце во Израел, почина откако Палестинската самоуправа одби да соработува со Израел.

Исламистичкото движење Хамас, кое го контролира Појасот Газа, вели дека планираната анексија ќе се смета за објава на војна.

И генералниот секретатр на Лигата на арапски држави, рече дека анексијата би ги зголемила тензиите, што би можело да доведе до религиска војна на Блискиот Исток.

Израелските медиуми известуваат дека Нетанјаху би можел да ја ограничи планираната анексија, и да не ја вклучи Јорданската Долина, големо парче земја на границата меѓу Западниот Брег и Јордан.

Јорданската Долина зафаќа 25 проценти од територијата на Западниот Брег.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG