Абу Бакр ал-Багдади за прв пат по пет години беше виден на видео поставено на интернет од страна на ал-Фуркан, медиумски оддел на терористичката група.
Лидерот на Исламската држава напорите на терористичката организација ги опиша како „исцрпна борба.“
На видеото кое е подолго од 18 минути може да се види како лидерот на Исламската држава разговара со други членови на терористичката организација чии лица се заматени или покриени со маски.
Багдади го признава поразот и падот на последната територија која беше под контрола на Исламската држава во Багуз, Сирија, а зборува и за терористичкиот напад кој се случи на Велигден во Шри Ланка, во кој загинаа повеќе од 250 лица.
„Што се однесува до вашите браќа во Шри Ланка, тие донесоа радост во срцата на монотеистите со нивната акција која ги погоди домовите на крстоносците на Велигден, како одмазда за нашите браќа во Багуз“ додаде тој.
Видеото е прво од Багдади откако тој се обрати на толпата во Големата џамија на Ал Нури во Мосул, Ирак во 2014-та година.
Поновите пораки од лидерот на Исламската држава беа аудиоснимки и беа објавени на интернет во август 2018-та година и порано, во септември 2017-та година.
Разузнавачките служби на САД знаат за новото видео, но допрва треба да ја потврдат неговата автентичност.
Facebook Forum