Борбата против тероризмот и Исламската држава не може да ја водат само владите на државите, туку и граѓаните, вели Шамил Идрис, претседател на организацијата за обезбедување мир во светот „Потрага по заедничка основа“, со седиште во Вашингтон.
Според него, институциите и граѓаните мора да воспостават дијалог, со цел да најдат заедничко решение за зголемување на безбедноста.
„Треба да се утврди зошто луѓето прифаќаат да бидат регрутирани во терористички групи, и да се најдат алтернативни можности за нив, во ненасилна смисла, како и да се обезбеди директен пристап на владите за решавање на овие прашања, преку соработка со верските водачи и младите луѓе“, вели Идрис.
За него, забраната за патување во САД на граѓани од шест држави, како мерка да се намали тероризмот е нејасна, бидејќи не постои директна поврзаност меѓу тие држави со намалување на безбедноста на граѓаните.
„Биометриските информации за секој што аплицира за бегалски статус во САД поминуваат преку ФБИ, Интерпол, Одделот за домашна безбедност и многу други институции. Резултатите покажуваат дека помалку од десет проценти биле прифатени во САД, и оти нема случаи на бегалци од овие држави кои извршиле фатални терористички напади“, вели тој.
Идрис предупредува дека нема цврста владина антитерористичка стратегија, ако полицијата и војската се против граѓанските движења.
„Секоја промена во општеството почнува со врска меѓу граѓаните и државата. Луѓето можат да го намалат стравот и да ги надминат подделените линии само ако соработуваат“, рече Идрис.
А медиумите, вели тој, играат особено значајна улога во стабилизирање на општеството: преку спречување на дезинформациите и обезбедување веродостојна информација.
Лина Слакмулдер, потпретседателка на организацијата, вели дека и жените и децата, треба да го кренат гласот против тероризмот.
„Треба да бидеме внимателни како нација да не додадеме на таа поделба во светот меѓу црно и бело, добро и лошо. Во спротивно, луѓето ќе видат дека немат друга опција, освен да застанат зад екстремистичките движења“, убедена е Слакмулдер.