Линкови за пристапност

На скопските клиники помага медицински персонал од помалите градови – какви се нивните искуства?


На скопските клиники помага медицински персонал од помалите градови – какви се нивните искуства?

Поголем број на медицински сестри и други здравствени работници од внатрешноста на државата се наоѓаат на Инфективната клиника и Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје каде ги заменуваат и им помагаат на своите колеги.

„Имаме премногу болни. Кога дојдовме имаше 40 пациенти во одделот. Се уште ни зујат ушите од викањето нивно и како молат, сестро помогни, сестро немаме воздух, умираме сестро. Со толку страшна слика се соочивме, што ова ќе ми остане доживотно во сеќавање“ вели Севги Гаваз, медицинска сестра од Струга.

Ова не е лага, ова не е шала. Треба секој човек да замисли, дека околу него има потенцијален Ковид-19
Севги Гаваз, медицинска сестра

Севги Гаваз, медицинска сестра од Струга заедно со уште четворица нејзини колеги од струшката градска болница доброволно заминаа на припомош на колегите во болницата 8-ми септември во Скопје, каде се лекуваат болни од Ковид-19.

Вели секој ден е борба за нов живот, а секој момент борба за капка воздух. Кога почнала да се шири пандемијата, мислела дека се работи за обичен грип.

„Но кога ги видовме пациентите како им се влошува состојбата, нагло качување на температура, па останување без воздух. Кога дојдовме овде да им помагаме на нашите колешки кога се соочивме со целата ситуација ние се шокиравме и мислевме дека се снима некој хорор филм“ вели Гаваз.

Се трча од соба во соба, се бориме за живот, бараме што повеќе кислород, што можеме повеќе да спасиме пациенти
Снежана Русеска, медицинска сестра

Снежана Русеска која 40 години работи како медицинска сестра вели дека никогаш досега не се соочила со ваква епидемија.

„Она што го видов кај колешките мои, умор, стрес, не можам тоа да ви го опишам со никакви зборови. И обичен грип и свински грип, се сме поминале, но ова е нешто многу поразлично. Се трча од соба во соба, се бориме за живот, бараме што повеќе кислород, што можеме повеќе да спасиме пациенти. Имавме една пациентка, со ниска сатурација, цела ноќ со нејзиниот кревет ја носевме од соба во соба, само и само да и дадеме поддршка за кислород. И следниот ден не издржала, починала“ вели Русеска.

Порачуваат ситуацијата секој да ја сфати сериозно и да се почитуваат мерките. Без размислување велат дека би заминале секаде каде ќе има потреба од помош.

„Ова не е лага, ова не е шала. Треба секој човек да замисли, дека околу него има потенцијален Ковид-19. Фактички ние се наоѓаме во некоја војна, каде војуваме со невидлив непријател“ вели Севги Гаваз.

„Ако треба и во цел свет би одела. Во било кој дел од земјината топка би одела, за да се спаси живот што може повеќе“ вели Снежана Русеска.

Поголем број на медицински сестри и други здравствени работници од внатрешноста на државата се наоѓаат на Инфективната клиника и Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, каде ги заменуваат и им помагаат на своите колеги.

XS
SM
MD
LG