Македонскиот филм „Исцелител“, на младиот режисер Ѓорче Ставрески, победи на престижниот Филмски фестивал во Санта Барбара, Калифорнија. Стручното жири, остварувањето го прогласен за најдобар меѓународен филм и тоа во конкуренција на 11 филмови, меѓу кои и филмови номиниран за наградата „Златна палма“ на Канадскиот филмски фестивал, но и филм добитник на специјална награда на Венецијанскиот филмски фестивал. Ова е прв македонски филм-добитник на оваа награда на фестивалот кој годинава се одржа 33-ти пат по ред.
Ставрески, кој покрај режисер се јавува и како сценарист и продуцент, за Гласот на Америка на македонски, изјави дека наградата му значи многу.
„Ова е огромна награда како за мене, така и за нашата земја. Прва за македонски филм на фестивалот во Санта Барбара“, изјави Ставрески.
Вели дека признанието е уште позначајно и поради големата конкуренција на фестивалот.
„Се натпреварувавме во жестока конкуренција со филмови кои претходно учествувале на врвни светски фестивали, како Венеција и Кан. Победивме филм на легендарниот Франсоа Озон чие остварување „Двојниот љубовник“ се натпревуваше во нашата селекција. Тоа се големи имиња чии филмови до вчера ми беше незамисливо да ги видам рамо до рамо со „Исцелител“. Колку е престижен фестивалот, зборува и фактот што неколку дена претходно, на сцената дојдоа да ги земат наградите Пол Томас Андерсон и Кристофер Нолан, а актерката Марго Роби, доби специјално признание за главната улога во „Јас, Тониа“, изјави Ставрески.
Инаку овој филмски фестивал беше и американска премиера на најновиот македонски филм, кој од своето појавување пред три месеци учествуваше на седум меѓународни фестивали и освои три награди, помеѓу кои и наградата од публиката на фестивалот во Солун, и специјалната награда за сценарио на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел.
„Исцелител“, кој е прва македонско-грчка копродукција, е сниман со работен наслов „Тајната состојка“. Во приказната се зборува за механичар, кој немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак. Меѓутоа, притиснат е од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и соседите -душкала кои во него гледаат нова надеж, односно исцелител. Главните улоги ги играат македонските актери Благој Веселинов и Анастас Тановски.
Филмот почна да се снима во септември 2015-та година, а се` беше завршено во септември 2017-та. Во моментов се прикажува во кино-салите низ Македонија.
Facebook Forum