Линкови за пристапност

Исак стана ураган


Метеоролозите прогнозираат дека ќе удри врз американскиот брег во областа на Њу Орлеанс.

Исак е се` поблиску до САД и прерасна од тропска бура во ураган. Во моментов се движи долж Мексиканскиот Залив, а според прогнозите ќе удри врз американскиот брег во областа на Њу Орлеанс, или доцна вечерва, или рано утре.

Според Националниот центар за урагани, ветриштата на Исак се со брзина од 120 километри на час – доволно за да стане ураган од 1-вата, најслаба категорија на скалата до 5.

Па сепак, големото, бавно движечко невреме би можело да истури поројни дождови и да предизвика поплави долж целото американско крајбрежје во Мексиканскиот Залив.

Претседателот Барак Обама ги повика жителите на патот на Исак да ги послушаат локалните власти, особено доколку објават евакуација. Ова не е добар момент да се предизвикува судбината и да се занемаруваат предупредувањата, порача претседателот.

Обама прогласи вонредна состојба за Луизијана, со што ги отвори вратите за помош од федералната влада за сојузната држава.

Гувернерот на Луизијана Боби Џиндал апелираше жителите во областите ранливи на поплави да ги напуштат домовите.

Невремето би можело да биде тест за системот на насипи во Њу Орлеанс што беше зајакнат откако ураганот Катрина во 2005-та однесе 1,800 човечки животи. Утре е седмата годишнина од ударот на овој ураган.

Градоначалникот на Њу Орлеанс Мич Ландру ги советуваше сограѓаните да се подготват за ситуација во која би биле без вода и електрична енергија неколку дена. Тој исто ги советуваше и веднаш да заминат доколку биде објавен повик за евакуација.

Репортерот на Гласот на Америка Брајан Паден, кој се наоѓа во Њу Орленас, јавува дека животот на улиците практично замрел.

„Како град на духови. Повеќето жители се засолнати или доброволно го напуштиле градот“, известува Паден.

Исак претходно беснееше во Куба, на Хаитите, каде однесе најмалку 19 жртви, и во Доминиканската Република, каде загинаа две лица.
XS
SM
MD
LG