Линкови за пристапност

Дали на Македонија и` се заканува блокада за извозот во Русија?


„Министерството за надворешни работи е во комуникација со цел да се согледа секој аспект на оваа тема“, изјави за медиумите владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев

Руското тело за надзор на безбедноста на храната се сомнева дека Македонија врши реекспорт на овошје и зеленчук од Европа во Русија, нешто што Москва летово го забрани со контрасанкции по кризата во Украина и санкциите на ЕУ и на САД против Русија – ваква вест понеделникот објави руската агенција РИА Новости, цитирајќи го портпаролот на „Росељхознадзор“ (Руска федерална ветеринарна и фитосанитарна инспекција), Алексеј Алексенко. Во македонските медиуми беше пренесено дека тој очекува дека „претставниците на Македонија ќе ја образложат ситуацијата“. Наводно, за првите шест месеци годинава, според статистичките податоци, македонскиот извоз во Русија е во вредност од над 14,1 милиони евра, а извозот само летово, во јули и август, бил во вредност од 12,2 милиони евра.

Според дел од македонските медиуми, руската инспекција му порачала на македонскиот в.д амбасадор во Москва, Јане Богоески, дека доколку македонските власти во рок од седум дена не докажат дека извезените прехранбени производи од Македонија во Русија се со македонско, а не со европско потекло, и на Македонија ќе и бидат воведени санкции. Во медиумите беше објавена и потврда од македонското Министерство за надворешни работи дека на претставници на македонската амбасада им е предадена листа на производи за кои руските надлежни инситуции се сомневаат дека само се декларираат како македонски при извозот, а всушност се работи за производи од земји-членки на Европската унија.

„Министерството за надворешни работи е во комуникација со цел да се согледа секој аспект на оваа тема“, изјави за медиумите владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев и сега е на потег македонската Агенција за храна и ветеринарство којашто во зададениот рок треба да ги провери извезените производи за да не дојде до попречување на македонскиот извоз во Русија, од кој, поради спроведененото руско ембарго кон ЕУ, се очекуваше остварување на добивка за македонските производители.

Денес во Македонија беше објавена и веста дека Русија за четири пати го намалила бројот на транспортните дозволи за Македонија и македонските транспортери, односно дека во 2015-та, само 160 македонски камиони со стандард Еуро 5 ќе може да превезуваат стока во Русија. Според македонските медиуми, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески изјавил дека навистина постои проблем со Русија, за кој ќе се бара решение, преку зголемување на бројот на дозволи за македонските транспортери во трети земји.

XS
SM
MD
LG