Линкови за пристапност

Кои се 15-те проблеми што ги откри ИРИ?


Голем дел од испитаниците во анкетата се изјасниле неутрални по повеќе прашања

Снабдување со вода, невработеност, урбан развој и инфраструктура се петте најсериозните проблеми со кои се соочуваат граѓаните на локално ниво, откри анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Еве кои се останатите проблеми кои ги навеле испитаниците, кои се најкритични локални прашања:

  • Здравствена заштита
  • Комунална хигиена
  • Јавен транспорт
  • Корупција на локална власт
  • Образование и училишта
  • Градинки и нега за стари лица
  • Безбедност и криминал
  • Улично осветлување
  • Ефективност на локалната власт
  • Спорт и рекреација

Генерално, 24 проценти од граѓаните сметаат дека нивната општина се движи во вистински правец, додека 61 процент од испитаниците се изјасниле дека веруваат оти Владата има поголемо влијание врз нивниот квалитет на живот, отколку локалната власт.

52 проценти од граѓаните се изјасниле дека би гласале за кандидат за градоначалник на нивната општина, а кој припаѓа на друга етничка група, доколку смета дека тој или таа ќе биде нивен подобар претставник.

Невработеноста е наведена како најголем проблем со кој се соочува државата денеска, покрај сиромаштијата и нискиот стандард на живот.

37 проценти сметаат дека се исполнети условите за фер и демократски избори, а 63 проценти од граѓаните се изјасниле дека најверојатно ќе излезат на гласање на претстојните избори во октомври.

Од друга страна, анкетата открива и драматичен пораст на оптимизмот за политичката ситуација во Македонија, како и за изгледите за членство во Европската унија.

„Додека претходните анкети на ИРИ одразуваа длабока вознемиреност и песимизам, во врска со стабилноста и траекторијата на Македонија, резултатите од ова истражување се многу охрабрувачки“, рече регионалниот директор на ИРИ за Европа Јан Сурочак.

Според него, новата Влада треба да го препознае ова како можност да ја врати довербата на граѓаните на Македонија, како и да преземе суштински мерки за решавање на прашањата, кои се од најголема грижа за граѓаните.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG