Најновото истражување на Меѓународниот републикански институт покажа зголемен оптимизам и поддршка на граѓаните во Македонија за членство во Европската унија и НАТО пред референдумот на 30-ти септември.
Анкетата укажува дека мнозинството Македонци се „за“ решение на проблемот со името со Грција - комбинирана поддршка од 57 отсто, целосна поддршка од 37 проценти, и лабава поддршка од 20 проценти за предлогот Македонија да влезе во ЕУ и НАТО под името Република Северна Македонија.
Ист процент од 57 отсто смета дека членството во ЕУ и НАТО го оправдува прифаќањето на новото име.
Половина од испитаниците или 49 отсто, планираат да гласаат во корист на решение на прашањето за името, споредено со 22 проценти, кои планираат да гласаат против предложената промена.
„Како што Македонија наближува до важниот референдум, поддршката за компромисното решение за проблемот со името, што ја отвора вратата за ЕУ и членство во НАТО индицира силно насочување кон трансатлантските институции“, изјави Пол Мекарти, регионален директор за Европа во ИРИ.
Поддршката за ЕУ и НАТО продолжува да расте во Македонија, според истражувањето на ИРИ.
За Македонија да стане членка на ЕУ, има пораст од шест проценти во споредба со август лани, и сега изнесува 83 отсто.
Поддршката за НАТО и натаму е силна и изнесува 77 проценти, објави ИРИ.
Истражувањето го рефлектира и продолжениот тренд на зголемен оптимизам и перцепцијата за национална стабилност.
37 отсто од испитаниците сметаат дека државата се движи во вистинска насока, што е зголемување за десет проценти во споредба со август минатата година.
Бројката на граѓани кои сметаат дека Македонија е постабилна денес од пред една година изнесува 37 проценти, и ја надмина бројката од оние што сметаат спротивно или 25 проценти.
Ова е прва позитивна разлика во испитувањето во речиси девет години.
Истражувањето на ИРИ е направено со поддршка на Американската агенција за меѓународен развој.
http://prizma.mk/anketa-na-iri-plus-za-referendumot-minus-za-kluchnite-reformi/
Facebook Forum