Линкови за пристапност

ИРИ: Оптимизмот за политичката состојба скокна од 5 на 44 проценти


Новата Влада треба да го препознае ова како можност да ја врати довербата на граѓаните, вели регионалниот директор на ИРИ за Европа Јан Сурочак

Драматичен пораст на оптимизмот за политичката ситуација во Макединија, како и за изгледите за членство во Европската унија, соопшти Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

„Додека претходните анкети на ИРИ одразуваа длабока вознемиреност и песимизам, во врска со стабилноста и траекторијата на Македонија, резултатите од ова истражување се многу охрабрувачки“, рече регионалниот директор на ИРИ за Европа Јан Сурочак, откривајќи ги резултатите на најновата анкета.

Новата Влада треба да го препознае ова како можност да ја врати довербата на граѓаните на Македонија, како и да преземе суштински мерки за решавање на прашањата, кои се од најголема грижа за граѓаните, смета Сурочак.

Бројот на граѓани кои ја опишуваат внатрешната политичка ситуација како „мирна и стабилна“ скокна драстично - од пет проценти во март на 44 проценти во август годинава.

Според ИРИ, оваа промена најверојатно е поврзана со формирањето нова Влада, по две години жесток политички конфликт и несигурност

Процентот на оние кои ја опишуваат моменталната состојба како „напната и неизвесна“ падна за 18 проценти, и изнесуваше 44 проценти во август, во споредба со 62 проценти во март.

Забележан е и пад од 22 проценти на бројот на оние кои на ситуацијата гледаат како на „критична и нестабилна“ - 32 проценти во март, 10 проценти во август.

Анкетата открива и дека граѓаните покажуваат поголем оптимизам за пристапување кон Европската унија.

Бројот на оние кои мислат дека земјата сега е поблиску до пристапување во ЕУ скокна од 13 проценти во март на 41 процент во август. Поддршката за членството во ЕУ и понатаму е силна на 77 проценти – подобрување за 5 проценти од март 2017 година.

ИРИ вели дека обновеното чувство на стабилност, може да допринесе за пооптимистички поглед на економијата

Триесет и три проценти веруваат дека економијата ќе се подобри во текот на следните две години, што е зголемување за 12 проценти од март 2017-та.

Исто така, се чини дека песимизмот во однос на квалитетот на животот во Македонија е намален: бројот на испитаници кои сметаат дека нивниот квалитет на живот се влошува, се намалил од 38 проценти во март, на 24 проценти во август, соопшти ИРИ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG