Линкови за пристапност

Дали ќе падне и Багдад?


Меѓународната заедница е загрижена за брзото влошување на безбедносната ситуација во Ирак.

Исламистичките бунтовници напредуваат кон Багдад откако ја презеле контролата врз повеќе територија на само 90 километри северно од Багдад.

Во молскавични напади, борци од сунитската Муслиманска исламистичка држава на Ирак и Левант го зазедоа градот Дулуиџа. Од понеделникот наваму милитантите го презедоа вториот по големина град во Ирак, Мосул, и прегазија најголем дел од главните популациони центри во северниот дел на земјата.

Портпарол на бунтовниците, кои сакаат да инсталираат исламистичка влада, вети дека тие ќе притискаат кон Багдад и понатаму, до Карбала. Тоа е град југозападно од Багдад што е еден од најсветите места за шиитските Муслимани.

Во меѓувреме, борци од Пешмергите, безбедносни сили на ирачкиот автономен курдски север, презедоа контрола врз Киркук и неговите богати нафтени резерви.

Ирачките сили изгледа дека не биле во можност да пружат отпор и ги напуштале позициите оставајќи го оружјето.

Ирачкиот премиер Нури ал-Малики сакал да го собере Парламентот на сесија за да прогласи вонредна состојба, но немало кворум, бидејќи многу од сунитските и курдски законодавци ја бојкотирале сесијата.

САД велат дека ќе испрати нова, неспецифирана помош за Багдад.

Меѓународните претставници покажуваат загриженост за напредувањето на исламистичките милитанти и влошувањето на ирачката безбедност.

Советот за безбедност на ОН расправа за ситуацијата во Ирак.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров кажа дека „интегритетот на Ирак е во прашање“.

Иранскиот претседател Хасан Рухани кажа дека Техеран нема да толерира борби во соседната држава.

Американски претставник под услов да остане анонимен кажа дека една од опциите кои се разгледуваат е дали да се испратат беспилотни летала во Ирак.

Меѓународната организација за миргација кажа дека тамошните борби предизвикале 500.000 да ги напуштат своите домови.

Ирак се соочува со најлошо насилство од 2008, а ОН велат дека годинава биле убиени 4.500 луѓе. Повеќе од 900 од смртните случаи дошле од минатиот месец.
XS
SM
MD
LG