Линкови за пристапност

Ал-Малики до жителите на Фалуџа: протерајте ја Ал-Каида


Ирачкиот премиер вели дека во спротивно е можна армиска офанзива.

Ирачкиот премиер Нури ал-Малики ги повика жителите и племињата во опколената Фалуџа да ги протераат милитантите поврзани со Ал-Каида и со тоа да спречат армиска офанзива што, како што соопштија властите, би можела да започне во рок од неколку дена.

Додека државната телевизија ја пренесуваше пораката на Ал-Малики, десетици семејства го напуштаа градот, стравувајќи од интервенција на армијата.

Ирачките владини трупи ја опколија Фалуџа, градот во западната провинција Анбар во кој претежно живеат муслимани - сунити. Минатата недела, припадници на Ал-Каида презедоа контрола врз Фалуџа и поголемиот дел од главниот град на провинцијата, Рамади.

Премиерот Малики, кој е муслиман - шиит, и чија влада има мала поддршка во Фалуџа, рече дека наредил силите за безбедност да не напаѓаат населени области.

Државниот секретар Џон Кери синоќа изјави дека САД ќе обезбедат помош за ирачките сили во борбата против милитантите поврзани со Ал-Каида, но рече и дека тоа е „нивна борба“. Според Кери, во моментов не се разислува за повторно испраќање на американски копнени сили во Ирак.

Сунитите ја обвинуваат владата дека ги игнорира нивните потреби и дека ги маргинализира. Ирачки официјални лица, пак, ги обвинуваат сунитите за вмешаност во тероризам.

Од минатата година - наваму, во насилството меѓу шиитската влада и сунитското малцинство загинаа илјадници лица.
XS
SM
MD
LG