Секретарот за одбрана на САД Џим Матис изјави дека САД немаат намера да приграбат нафта од Ирак, што претседателот Доналд Трамп претходно сметаше дека е во „корист“ на активностите на американската Армија, како и со цел да се спречи нејзина продажба од Исламската држава.
Матис ова го изјави пред новинарите, кои со него патуваат во ненајавена посета на Ирак, втор ден од воената офанзива против Исламската држава во западниот дел на градот Мосул.
„Мислам дека сите ние овде и сите други во Америка, генерално сме платиле за нашите гориво и нафта, и сигурен сум дека ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. Не сме во Ирак за да земеме чија било нафта“, рече Матис.
Неговата посета во Ирак вклучува средби со ирачкиот премиер и други официјални претставници, како и со генерал-полковникот Стивен Таунсенд, кој ја предводи коалицијата за поразување на Исламската држава.
Матис работи на неговиот план да ја забрза борбата против Исламската држава, кое што Трамп го нареди во јануари годинава.
Од почеток на акцијата во Мосул вчера, Матис нагласи дека улогата на САД да ги предводат воздушните напади и да ги советуваат ирачките трупи, ќе остане иста.
Обединетите нации предупредија дека стотици илјади цивили се ставени под ризик во Мосул.