Линкови за пристапност

Сонот за независност на ирачките Курди избледува


Ирачките сили денеска презедоа дополнителни нафтени полиња во близина на Киркук, заедно со градот Синџар.

Армијата соопшти дека курдските борци се повлекле од нафтените полиња Баи Хасан и Авана, со што владините сили ја презеле контролата.

Слична динамика имаше и во Синџар, каде провладините сили навлегле во градот, а курдските сили Пешмерга, сега се надвор од него.

Најновата акција уследи по брзиот чекор на владините сили од понеделникот, за заземање на канцеларијата на гувернерот на Киркук, клучни воени објекти и нафтеното поле. Трупите, обучени од САД, по наредба на премиерот Хајдер ал-Абади, подигнаа ирачки знамиња на местата на курдските транспаренти.

Курдите ја имаа контролата врз градот од 2014-та година, одземајќи ја од борците на терористичката организација Исламска држава. Но, централната влада од Курдите побара да ја вратат контролата и презедоа акција по минатомесечниот референдум за курдска независност.

Американскиот Оддел за одбрана, кој ги поддржува ирачките сили, и помогна за обука на курдските борци во борба против милитантите на Исламската држава, во понеделникот изјави дека движењата на ирачките трупи биле „координирани“ со повлекување на силите Пешмерга.

„Продолжуваме да поддржуваме обединет Ирак. Дијалогот останува најдобрата опција за намалување на продолжителните тензии и долгорочните прашања“, изјави портпаролот на Пентагон, армискиот полковник Роберт Манинг.

Сепак, Пешмарга рекоа дека Багдад ќе плати „голема цена“ за „војната врз курдистантскиот народ“.

Запрашан за ситуацијата, претседателот на САД, Доналд Трамп, кажа дека САД остануваат неутрални, издвојувајќи ги „мошне добрите врски“ со Курдите и дека „САД воедно се и на страната на Ирак“.

„Не ни` се допаѓа фактот дека се во судир“, истакна Трамп за време на прес-конференцијата во Белата куќа. „Не заземаме страна во таа битка“.

Стејт департментот повика на смиреност во битката околу Киркук, не сакајќи да потпалат нов фронт во 14-годишната граѓанска војна во Ирак.

„Внимателно ја следиме ситуацијата во Киркук и мошне сме загрижени за извештаите дека има конфликт“, се вели во најновото соопштение на Стејт департментот. „Во контакт сме со сите страни во Ирак за намалување на тензијата“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG