Линкови за пристапност

Али Каменеи: Слоганот „Смрт за Америка“ е кон политиката на САД


Иранскиот врховен лидер појасни дека не се однесува кон народот, туку кон американската политика, објави на неговата официјална интернет - страница.

Ајатолах Али Каменеи, дискутирал за овој слоган за време на средба со ирански ученици, пред јубилејот од заземањето на американската амбасада во Техеран, на 4-ти ноември, 1979 година. Милитантни студенти извршија напад врз објектот и заробија 52 Американци, кои ги држеа во заробеништво - 444 дена.

Од тој датум, двете земји немаат дипломатски односи. Сегашниот претседател Хасан Рухани, се обиде да ги поправи односите, вклучувајќи го и склучувањето на важниот нуклеарен договор, којшто беше постигнат со светските сили изминатото лето.

Каменеи изјави дека „суштината на слоганот не е смрт за американскиот народ. Тој се однесува на американската политика и ароганција“, изјави тој и додаде дека слоганот има „силна поддршка“ во Иран.

Каменеи и други „тврдокорни сили“ од иранската власт, се сомневаат во намерите на САД и на нејзината политика гледаат како закана по Иран.

Врховниот водач оцени дека САД на различни начини се обидуваат да влијаат врз Иран, за да го прикријат својот непријателски однос пред иранскиот народ.

Тој ги повика студентите да не веруваат кога гледаат како „Американците пред камерите „ронат солзи“ преправајќи се дека се против војна“. Според него, тоа се истите луѓе кои не мрднале со малиот прст кога стотици деца беа заклани во Газа од страна на ционистите и кога тие извршија напад врз Западниот брег. Зошто да се верува дека солзите пред камера се искрен акт?“, праша Каменеи.

Ајатолахот неколкупати повтори дека не треба да ѝ се верува на Америка, и покрај постигнатиот нуклеарен договор со шесте светски сили - САД, Британија, Франција, Русија, Кина и Германија.

Со овој договор, Техеран доби ветување за олеснување на економските санкции кои ја опустошија неговата економија во замена за запирање на развивање на нуклеарната програма.

„Во природата на однесување на Американците е да продолжат со истите непријателски намери од минатото, и нашата нација нема да го заборави тоа“, порача Ајатолахот Каменеи.

XS
SM
MD
LG