Новинската агенција Фарс пренесува дека виш член на иранската револуционерна гарда изјавил дека нивните проектили со краток дострел лесно можат да погодат американски воени бродови во Персискиот Залив.
Коментарите на заменик командантот на револуционерната гарда, Мохамед Салех Џокар доаѓаат во услови на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран.
Во Персискиот залив се наоѓа еден од стратешките патишта преку кој се транспортира околу една третина од светското снабдување со нафта.
Џокар предупреди дека САД „не можат да си дозволат да ги платат трошоците за нова војна“ и дека конфликтот негативно ќе влијае на глобалните резерви на нафта. „Ако се случи војна, светот ќе страда“, додаде тој.
Забелешките на Џокар дојдоа откако иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф се заложи за интензивни дипломатски напори за зачувување на нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили.
За време на посетата на Кина, Зариф ги критикуваше светските лидери велејќи дека изјавите за поддршка не се доволни за спасување на договорот.
Техеран минатата недела се закани дека повторно ќе започне со збогатување на ураниум на повисоки нивоа, ако до 7-ми јули не се постигне нов нуклеарен договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака дипломатско решение, но иранските власти не се убедени во намерите. Иранскиот генерал Расул Санаеирад за иранската новинска агенција Мехр кажа дека наметнување санкции за време на разговорите е како „закана со оружје кон некого од кого барате пријателство.“
Facebook Forum