Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека економијата на Иран ќе се намали за шест проценти годинава, како што се соочува со притисок од американските санкции.
Во извештајот објавен денес, ММФ вели дека проценките за Иран, што вклучуваат и потенцијална инфлација до 40 проценти, се направени пред одлуката на САД да ги укине дозволите, според кои некои ирански купувачи на нафта можеа да продолжат да тргуваат и покрај санкциите кои стапија во сила минатата година.
Администрацијата на Трамп се очекува в четврток формално да ги укине ваквите ослободувања за некои од главните купувачи на нафта од Иран, вклучувајќи ги Кина, Индија, Јапонија, Турција и Јужна Кореја.
САД изјавија дека целта на ваквите мерки е да се принуди Иран да стави крај на нуклеарните и проектилни програми.
Белата куќа соопшти дека работи со извозници на нафта во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, за да се осигура адекватно снабдување со нафта во светот.
Турција и Кина реагираа на потегот на САД, но, не е јасно дали ќе продолжат да купуваат нафта од Иран.
Иранскиот министер за надворешни работи, во интервју за „Фокс њуз“, изјави дека САД се обидуваат да ја урнат Иранската влада преку спречување на нејзината меѓународна трговија со нафта.
Тој нагласи дека американските официјални претставници грешат во нивните анализи, како и во нивните надеж и илузии.
Facebook Forum