Линкови за пристапност

Техеран одби директни преговори со Вашингтон


САД сакаат да разговараат додека истовремено го казнуваат Иран, вели ајатолахот Каменеи.

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Каменеи го отфрли американскиот предлог за директни разговори за иранската нуклеарна програма, велејќи дека тие ништо нема да решат.

Каменеи во соопштение на својата Интернет-страница наведува дека САД сакаат да разговараат додека истовремено го казнуваат Иран, како и дека тоа нема да ја застраши неговата земја.

Американскиот потпретседател Џо Бајден на конференција за безбедносни прашања што викендов се одржа во Минхен кажа дека САД се за директен контакт, под услов властите во Иран да се сериозни во однос на преговорите.

Пораката на Ајатолахот доаѓа еден ден откако на сила стапија американските санкции против иранската нафтена индустрија. Белата куќа има кажано дека ќе продолжи да врши притисок врз Иран се` додека земјата се стреми да произведе нуклеарно оружје и ги крши човековите права.

Одредени западни земји, вклучувајќи ги и САД, веруваат дека Иран тајно се обидува да развие нуклеарно оружје. Иран, пак, тврди дека програмата исклучително е наменета за мирољубиви цели.

Иран и таканаречената Контактна група Пе 5+1, во состав САД, Франција, Русија, Кина, Британија и Германија, подоцна месецов треба да одржат нова рунда преговори.
XS
SM
MD
LG