Официјални лица за национална безбедност во Вашингтон го негираат коментарот во медиумските извештаи дека вчера претседателот на САД Доналд Трамп одобрил воени напади во Иран, по што ја повлекол одлуката од непознати причини.
Како што објави Њујорк тајмс, Трамп првично дозволил напади на неколку цели во Иран, како радарски и ракетни единици.
И Вашингтон пост и други медиуми, исто така, објавија дека официјални лица од администрацијата кажале оти Трамп одобрил контранапади.
Во меѓувреме, Ројтерс објави дека Иранската влада, во изјава за агенцијата, кажала дека добила порака од Трамп преку Оман, предупредувајќи на напад врз Иран.
Според Ројтерс, Техеран одговорил на пораката на Трамп со предупредување за „регионални и меѓународни“ последици ако САД преземат какви било воени активности.
Федералната администрација за авијација на САД, вчера вечерта, издаде итна наредба со која ги забрани сите американски воздушни операции над Персискиот и Оманскиот залив, регион каде беше соборен американскиот дрон од страна на Иран.
Овој инцидент, Трамп го нарече многу лоша грешка.
„Овој дрон беше во меѓународните води. Се` е документирано, и тоа научно не само со зборови“, изјави Трамп во Белата куќа, за време на средбата со канадскиот премиер Џастин Трудо.
На прашањето дали оваа акација може да доведе до војна со Иран, претседателот рече дека ќе се дознае.
Тој, исто така, рече дека соборувањето на американскиот дрон би можело да биде и случајно, а не провокативна акција по наредба на иранските лидери.
Иран, пак, тврди дека дронот влегол во нивниот воздушен простор, што претставува прекршување на меѓународниот закон.
Иранскиот министер за надворешни работи Јавад Зафир ги бранеше акциите на Техеран, велејќи дека американскиот дрон влегол во нивните територијални води.
Централната команда на американските воздушни сили, што ги надгледува американските воени активности во регионот, ги отфрли иранските тврдења како категорично неточни.
Facebook Forum