Линкови за пристапност

Трамп подготвен за разговори со Иран


Јас секако би се сретнал со иранскиот лидер, ако тој сака да се сретне со мене, рече американскиот претседател

Претседателот на САД Доналд Трамп рече дека е отворен за директни разговори со Иран.

За време на заедничката прес конференција со италијанскиот премиер Џузепе Конте, Трамп беше прашан од новинарите дали би сакал да се сретне со иранскиот претседател Хасан Рухани.

„Верувам во средби. Да се зборува со други луѓе, особено кога разговарате за војна, смрт и многу други работи, тогаш нема ништо лошо во тоа да се среќавате“, одговори Трамп.

Трамп истакна дека неодамнешните разговори со лидерите на Северна Кореја и Русија Ким Јонг Ун и Владимир Путин, се примери за неговата директна дипломатија со лица за кои се верува дека се против американските интереси.

„Јас секако би се сретнал со Иран, доколку таму сакаат да се сретнат со мене. Не знам дали се подготвени за тоа. Се наоѓаат во тешко време во моментов“, рече Трамп, и додаде дека тој е подготвен да се сретне кое било време што тие би го одбрале.

На прашањето дали би имал предуслови за таква средба, Трамп рече дека нема, и доколку тие сакаат да се сретнат со него, тој тоа ќе го направи.

Во интревју за телевизиската мрежа Си-Ен-Би-Си, државниот секретар Мајк Помпео изјави дека Трамп е подготвен да се сртне со Иранците, ако тие направат „суштински промени во начинот на кој се однесуваат кон сопствениот народ“.

Иран одговори дека патот до директни разговори со Вашингтон ќе мора да значи САД да се вратат во Иранскиот нуклеарен договор, потпишан меѓу Иран и шест светски сили.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG