Линкови за пристапност

Тензично кај Персискиот залив: Иран зароби танкер со милион литри нафта


Бродот бил пресретнат во неделата во реонот на Ормутскиот теснец, со екипаж од 12 луѓе

Иранската национална гарда заробила танкер со милион литри нафта во Ормутскиот теснец кај Персискиот залив. Државната иранска телевизија објави дека танкерот бил странски и дека, како што се тврди, шверцувал нафта.

Според извештајот од телевизијата, танкерот бил пресретнат во неделата во реонот на теснецот, јужно од иранскиот остров Ларак, со екипаж од 12 луѓе.

Податоци за земјата од која потекнува танкерот, не се објавени.

Заробувањето доаѓа откако танкер, кој под знамето на Панама превезувал нафта од компанија од Обединетите Арапски Емирати, исчезна во ирански води на 14 јули.

Револуционерната гарда соопшти дека добиле повик за помош од бродот, за кого подоцна била издадена судска наредба да биде заробен. Според соопштението, ирански шверцери имале намера да достават нафта до странски купувачи.

Од САД ја осудија постапката на Иран.

„Иран мора да престане со оваа противзаконска активност и веднаш да ги ослободи заробениот брод со екипажот“, беше истакнато од американскиот Стејт департмент.

Новиот инцидент се случува во ек на затегнати односи меѓу САД и Иран, коишто почнаа да се влошуваат откако претседателот Доналд Трамп ја повлече земјата од т.н. „нуклеарен“ договор со кој на Техеран му се овозможи олеснување на санкциите доколку ги прекине процесите на збогатување ураниум.

Иран неодамна ги проби максимално дозволените лимити за збогатен ураниум, што ги натера европските земји потписнички на договорот, да испратат укажување до Техеран да се држи до договореното.

XS
SM
MD
LG