Линкови за пристапност

Историски договор за иранската нуклеарна програма


За Обама, спогодбата е „реална и суштинска промена“, За Могерини „знак на надеж“, но за Нетанјаху „голема грешка“

Светските сили постигнаа договор со Иран којшто ја ограничува нуклеарната програма на земјата во замена за олеснување на економските санкции. Договорот означи крај на преку една деценија бурно преговарање.

Сеопфатна, долгорочна спогодба којашто ќе го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Барак Обама, претседател на САД

Веста за договорот, којашто во Виена ја соопштија високата претставничка за надворешни прашања и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф, стави крај на финалните, неколкунеделни интензивни разговори на коишто се решаваа деталите на спогодбата. Согласно договореното, Техеран ќе ја скрати својата нуклеарна програма, а Меѓународната агенција за атомска енергија ќе врши инспекција.

Одлука којашто може да отвори пат кон ново поглавје во меѓународните односи.
Федерика Могерини, висока претставничка за надворешни прашања и безбедносна политика на ЕУ

Могерини смета дека договорот е „знак на надеж“ за светот.

„Ова е одлука којашто може да отвори пат кон ново поглавје во меѓународните односи и да покаже дека дипломатијата, координацијатаи соработката може да надминат децении на напнатост и конфронтација“, рече претставничката на ЕУ.

За Зариф, договорот носи нешто и за Иран, и за Групата П5+1 во којашто спаѓаат Британија, Кина, Франција, Русија, САД и Германија.

„Постигнавме договор којшто не е совршен за ниту една страна, но толку можевме да постигнеме и ова е важно постигнување за сите нас“, рече иранскиот шеф на дипломатијата.

Постигнавме договор којшто не е совршен за ниту една страна, но толку можевме да постигнеме и ова е важно постигнување за сите нас.
Џавад Зариф, министер за надворешни работи на Иран

Американскиот претседател Барак Обама во обраќање до нацијата рече дека „спогодбата покажува дека американската дипломатија може да донесе реална и суштинска промена“. Обама кажа дека се работи за „сеопфатна, долгорочна спогодба којашто ќе го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје“ и додаде дека ќе стави вето на евентуалната одлука на Конгресот којашто би ја блокирала спогодбата.

Голема грешка со историски пропорции.
Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел

Иранскиот претседател Хасан Рухани преку Твитер порача дека процесот „покажува дека конструктивната вклученост дава резултати“.

Уште пред да биде објавена веста за постигнување на спогодбата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го осуди договорот како „голема грешка“.

„Загрижени сме дека милитантната Исламска Република Иран ќе добие сигурен пат до нуклеарно оружје. Ќе биде подигнат голем дел од ограничувањата коишто требаше да го спречат Иран, и Иран ќе добие џекпот, богат извор на пари во готово во износ од милијарди долари, а тоа ќе му овозможи да продолжи со својата агресија и терор во регионот и во светот. Ова е голема грешка со историски пропорции“, рече израелскиот премиер.

XS
SM
MD
LG