Линкови за пристапност

САД воведоа нови санкции кон Иран


Стејт департментот потврди дека Техеран и натаму се придржува до договорот за нуклеарна програма

САД воведоа санкции против 18 поединци и групи од Иран, кои се обвинети за поддршка на ракетната програма и договорите за оружје на Техеран. Одлуката беше донесена еден ден откако Вашингтон потврди дека Иран се придржува до меѓународниот договор за нуклеарна програма од 2015-та.

„САД остануваат длабоко загрижени за активностите на Иран на Блискиот Исток, кои ја поткопуваат регионалната стабилност, безбедност и просперитет", велат од Стејт департментот.

Со санкциите, на оние кои се најдоа на листата, ќе им бидат замрзнати средствата во САД, а на Американците им се забранува да имаат деловни врски со нив.

Стејт департментот санкционираше две групи поврзани со иранската елитна револуционерна гарда за кои се вели дека биле вклучени во истражување и развој на балистички проектили, како и во пробни лансирања на истите. Покрај тоа, Одделот за финансии на САД санкционираше седум правни субјекти и пет лица заради поддршка на иранските воени набавки, заедно со она што беше опишано како транснационална криминална организација, со седиште во Иран, и три лица поврзани со групата.

Откако ги издаде санкциите, САД го обновија повикот, Техеран да ги ослободи тројцата притворени Американци.

Стејт департментот објави дека администрација на претседателот Трамп продолжува со целосната ревизија на политика кон Иран. Во меѓувреме, САД велат дека „ќе продолжат да се спротивставуваат на злонамерните активности на Иран во регионот“.

Најавата за санкции од Вашингтон дојде на само неколку часа откако иранскиот парламент гласаше за финансирање на ракетната програма и за одделот за странски операции на револуционерната гарда, силите Кудс во висина од 520 милиони долари, за како што беше наречено борба против „авантуризмот“ на Вашингтон на Блискиот Исток.

Стејт департментот претходно го извести Конгресот дека Иран го почитува нуклеарниот договор од 2015-та година.

Американските медиуми објавија дека Трамп неволно се согласил со одлуката. Во трката за Белата куќа, тој иранскиот нуклеарен договор кој беше поддржан од неговиот претходник, поранешниот претседател Барак Обама,го нарече како „најлош договор досега“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG