Британската премиерка Тереза Мај денеска се состанува со министрите за безбедност и претставници на безбедносните сили на итни разговори откако Иран заплени нафтен танкер кој во Теснецот Ормуз пловеше под британско знаме.
Според новата снимка објавена во неделата британскиот воен брод го предупредил иранскиот патролен брод поради попречување на преминот на нафтениот танкер „Стена Имперо“ преку Теснецот Ормуз, но командосите на Иранската револуционерна гарда се спуштиле од хеликоптер и за кратко време го зазеле.
Во аудио снимка објавена од страна на фирмата за поморски безбедносни ризици, „Дријад Глобал“, може да се слушне како британски поморски офицер кажува дека плови во меѓународни води и има право тоа да го прави непречено.
Британскиот офицер потоа бара потврда од иранскиот патролен брод дека нема намера да го прекрши меѓународното право со обид да се качи на танкерот „Стена Имперо“.
Но, ирански офицер му вели на танкерот да го промени курсот.
Иранскиот поморски офицер соопшти дека бродот бил баран поради безбедносни причини, иако официјалните претставници велат дека запленувањето било одговор откако Велика Британија пред две недели заплени еден ирански супертанкер во Гибралтар под сомнение дека превезувал два милиони барели сурова нафта во Сирија.
Иран тврди дека танкерот „Стена Имперо“ удрил во рибарски брод.
Британија заплената ја оцени како „непријателски чин“. Меѓу потенцијалните одговори што ги разгледува Велика Британија е можноста за воведување на економски санкции кон Иран.
Facebook Forum