Линкови за пристапност

Интервју – Заев: СДСМ нуди подобра економија, образование, култура и социјална заштита, ВМРО-ДПМНЕ само црна кампања


Интервју – Заев: СДСМ нуди подобра економија, образование, култура и социјална заштита, ВМРО-ДПМНЕ само црна кампања

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за Гласот на Америка вели дека програмата на неговата партија нуди подобрување на економијата, образованието, културата и социјалната заштита.

Глас на Америка: Што ќе понуди новата програма на СДСМ, за овие парламентарни избори?

Зоран Заев: Настапуваме со една програма, која претставува континуитет на досега сработеното. За две и пол години колку што имав чест да ја водам македонската Влада, покрај големите стратешки прашања на државата што ги остваривме, НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, ги решивме и прашањата со соседите и внатрешно ги здруживме нашите граѓани од сите етнички заедници. Ја кренавме економијата од -1,8% на 3,6%, ги покачивме платите и пензиите, социјалната помош за 300%, вративме стотици милиони евра назад кон граѓаните и покажавме дека има пари во Македонија и дека можеме да му бидеме сервис на нашиот народ. Продолжуваме по тој пат, заради тоа што во периодот кој што престои, ни престои работа дома. Сега немаме Грција, Бугарија. Немаме Европа, НАТО. Поглавјата ќе ги совладуваме со експертските тимови кои ќе ни помогнат на тоа што ќе го работиме дома, а тоа е економија, економски стандард, реформа на институциите, реформа на правосудниот систем, образованието, културата, социјалната заштита и нивна европеизација, а преку тоа и дигање на севкупната наша македонска економија. Верувам дека овој мегдан, кој се надевам дека граѓаните ќе ни го пренесат за следните 4 години, максимално ќе биде во полза на целиот наш народ.

Глас на Америка: Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, обвини дека во изминатите три години со земјата владеела пандемија предводена од СДСМ и на која главни карактеристики и биле рекетот, корупцијата и криминалот?

Зоран Заев: За жал народот очекува позитивна кампања, а жалта е што Мицкоски води црна кампања. Кога требаше да и помогне на државата како шеф на опозицијата, да изгради став, макар нека биде и против, тој немаше став за ниту едно од важните прашања. Не само кога се решаваа крупните работи за иднината и за отворањето на целиот коридор на перспективи за нашиот народ и нашата земја, туку и за домашните проблеми немаше став. Кога се правеа реформите во правосудството и се донесе законот за Јавно обвинителство. Во недостаток на понуда, целосно е настроен кон негативна кампања. Во историјата, политичарите со негативна кампања очекувале и добивале порази. Така да тоа и нему ќе му се случи овој пат. Само можам да кажам дека народот наш само да ги погледне кампањите во овие дена, ќе сфати кој е навистина насочен кон понуда, кон подобрување на животот на граѓаните, кон перспективи и иднина, а кој е истовремено копи пејст од она што го видовме во минатите 12 години, за времето на режимот. Дури и реториката им е иста. Исти флоскули, исти зборови употребуваат.

Глас на Америка: Вашиот досегашен коалиционен партнер ДУИ останува на ставот за премиер Албанец. Кој е вашиот коментар за тоа и што доколку на СДСМ и се овозможи да ја формира идната Влада, дали во таква ситуација, доколку ви се потребни пратениците од ДУИ, ќе се сложите на нивниот услов премиер да биде Албанец?

Зоран Заев: Прво под уцена никој не треба да работи и да функционира, така да и ние нема да дозволиме. Единствени кои одлучуваат како ќе биде во иднина, кој ќе биде пратеник, кој ќе биде министер, кој ќе биде премиер се граѓаните со својот глас. Се сметам себеси и мојот СДСМ, за основоположник на едно општество за сите, како концепт. Имам најмногу право да зборувам во името на сите граѓани, затоа што за нас сите граѓани се еднакви. Кандидатите никогаш не било важно дали се, Македонци, Албанци, Бошњаци, Власи, Турци, Роми, Срби, Египќани, било која од националностите кои постојат во мултиетничка Македонија. Од тој аспект можам да кажам дека уцените нема да поминат никогаш и верувам кај никој, затоа што тогаш се деградира правото на глас на граѓаните.

XS
SM
MD
LG