Глас на Америка: Како би го евалуирале придонесот на арапските држави во глобалната борба против тероризмот од 11-ти септември 2001-та, наваму?
Ричард Стенгел: Сметам дека на некој чуден, перверзен начин, тероризмот има тендеција да ги обединува луѓето. Она што се случи на 11-ти септември ги обедини луѓето ширум светот против тероризмот. Придонесе да сфатат дека САД беа негова жртва и би додал дека нашето сојузништво и пријателство со луѓето од арапските земји оттогаш наваму, само расте.
Глас на Америка: Колкава соработка добивате од Советот за соработка на земјите од Заливот (ГСС) во борбата против тероризмот воопшто?
Ричард Стенгел: Ако ги земеме актуелните случувања, ставовите се здружени и ГСС уште подобро ги координира во свои рамки, споредено со порано. Со тоа, односот меѓу ГСС и САД стана уште помоќен. Сега имаме заеднички непријател, а заедничкиот непријател ги обедини луѓето.
Глас на Америка: Кој е најдобриот начин за справување со напредувањето на ИСИС?
Ричард Стенгел: Се справувавме на најразлични начини. Постои борбено поле, каде сме вратиле конторла на бројни преземања на територии од нивна страна. Воздушните напади се ефикасни и претставуваат кохезија меѓу партнерите и арапските партнери. Но, постои и поле за борба со информации, во чии рамки лично сум вклучен. Мислам дека од времето на подем на ИСИС, пред една година, во борбата се вклучија многу страни. Арапските земји ги мобилизираа своите социјални мрежи. Јордан, Египет, Саудиска Арабија. Денес креиравме и САВАБ Центар со Обединетите Арапски Емирати. Тоа е голем нов проект којшто мислам дека ќе ги инспирира другите земји да формираат слични центри.
Глас на Америка: Која е целта на САВАБ Центарот?
Ричард Стенгел: Се работи за заеднички проект меѓу САД и Емиратите. Центарот ќе помогне во координирањето во рамки на коалиционите партнери да креираат содржини и пораки со коишто би се засилила софистицираноста на социјалните медиуми и којшто ќе значи и позитивна алтернатива на негативната визија којашто се презентира. Исто така преку Центарот ќе се координираат пораките и содржините меѓу коалиционите парнери обединети против ИСИС.
Глас на Америка: По нападите во Париз и Кувајт, одредени лица ставија јасно на знаење дека САД може да бидат цел на терористите. Кој е вашиот коментар?
Ричард Стенгел: Сите сме потенцијална цел, никој не е имун, како што беше случајот во Тексас. Секако дека луѓето се загрижени дека самата Америка може да биде цел, но не мислам дека е егзистенцијално прашање за Америка, како што е за земјите во регионот, кои се веднаш до границата. Тие напредуваат и се обидуваат да формираат држава, така што во случајов проблемот е акутен, но истовремено сите го имаат. Има странски борци кои доаѓаат од САД, исто така. Затоа се работи за нешто за кои сите се заинтересирани.
Глас на Америка: Но дали најновото предупредување за напади врз американска почва, значи дека Вашингтон и меѓународната заедница воопшто, не успеваат во спречување на дотекот на пари, радикализирана младина и оружје за терористите?
Ричард Стенгел: Една од идеите на овој САВАБ Центар е да спречи дотек на странски борци. Ако некој размислува дали да оди и да се бори во редовите на ИСИС, сакаме да му кажеме дека методолигијата на оваа организација е погрешна, дека калифатот не е рај, дека нема водовод, електрична енергија, нема пристап до Интернет. Дел од она што правиме, е спречуваме луѓето да одат, а тоа го правиме и на други начини. Ги следиме оние кои се на Интернет и креираат сомнителна содржина преку пораки и Твитер и го прекинуваме пристапот. Голем ангажман е, целиме на поединци, но и на пошироки маси, на целиот муслимански свет, за да се обедини против ИСИС.
Глас на Америка: Дали борбата против тероризмот некогаш ќе биде добиена и како?
Ричард Стенгел: Како што многумина имаат кажано, теророт е техника. Во случајот, техника е користена од страна на ИСИЛ. Не сум вклучен во борбата против теророт. Вклучен сум во борбата против ИСИС и верувам дека таа војна ќе биде добиена.
Глас на Америка: Дали тоа значи дека ќе живееме во сенката на теророт со децении, а не со години?
Ричард Стенгел: Како што кажа претседателот Обама за време на неговата посета на Пентагон, ова е генерациска борба, што би ја мереле со години, а не месеци или денови. Мислам дека не е реалистично да се каже дека која и да е форма на тероризам ќе ја снема, дека ИСИЛ ќе го снема, но како акутна закана, закана којашто се шири, тоа го менува текот. Мислам дека коалицијата е согласна во тој поглед.
Глас на Америка: Некои невладини организации потенцираат дека борбата против тероризмот не треба да биде водена по цена на човековите права и меѓународното право. Се согласувате ли со тоа?
Ричард Стенгел: Во демократија, секогаш има континуитет меѓу човековите права, правата на поединците и приватноста и безбедноста. Таа рамнотежа секогаш флуктуира. Може да ги зачувате човековите права, да ја сочувате комуникацијата, слободата на говорот, а истовремено да имате стабилност во земјата. Но, линијата или границата меѓу овие две нешта е секогаш деликатна. На одредени места, луѓето ја пречекоруваат таа линија и тоа е реалноста.