Линкови за пристапност

Пораката од Обама - охрабрувачка


Пораката од Обама - охрабрувачка
Пораката од Обама - охрабрувачка

Тоа што ми го кажа претседателот Обама беше многу охрабрувачки; американската влада поинформирана од европските лидери за финеси околу спорот со името; отворањето на прашањето за Уставот поради спорот може да го подели општеството; со Папандреу разговаравме за неопходноста од доверба меѓу два соседа; нема алтернатива на членството на Македонија во ЕУ и НАТО, наведува македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервјуто за Гласот на Америка на македонски, направено на маргините на Генералното собрание на ОН.

Глас на Америка на македонски: Претседателе, каде беше ставен акцентот на билатералните средби со шефовите на држави и влади во ОН?

Ѓорге Иванов: Периодот на Генерално собрание е можност да се остварат средби со многу држави кои немате можност да ги посетите во редовна постапка, во официјални работи. Ја искористив можноста овие денови да остварам средба со повеќе претседатели, премиери, бивши претседатели кои беа на Иницијативата Клинтон, на настаните што се организираа на балканскиот форум.

Се видов со канцеларот Меркел. Со неа разговараме за прашањата позврзани со Македонија и македонските интеграции, за помошта што ја очекуваме од Германија. Се сретнав со претседателите на целиот наш регион: претседателот Ѓул на Турција, претседателот Топи од Албанија, на Косово – Сејдиу, Тадиќ – на Србија, со Јосиповиќ на Хрватска, со претседателот Затлер на Латвија, претседателот на Чешка, претседателот на Австрија, Фишер, претседателот на Словачка, претседателот на Финска, претседателот на Естонија, претседателот Обама, со претседателите што се вон нашиот регион... дури не можам да се сетам на сите имиња. Имавме и одредени билатерални контакти, официјални средби, на кои разменувавме информации, подготовки за официјални посети. Таква беше, на пример, средбата со унгарскиот претседател, бидејќи Унгарија е претседавач со Унијата од јануари 2011-та. Целта беше како и на кој начин Унгарија да помогне на Македонија кога ќе биде претседавач и што навистина очекуваме од Унгарија како претседавач со Унијата во тој нејзин период.

Значи, ова е можност навистина за многу билатерални средби и разменувања на мислења и искуства, разменување на информации, и, едноставно, она што им е на државниците - да ги имаат сите оние претстави на глобално ниво што се случуваат, а каде секој од нас има удел и треба да знае како да се однесува кога тоа прашање ќе дојде на дневен ред во ОН.

Глас на Америка на македонски: Се сретнавте ли со американски официјални лица? Дали стана збор за името?

Ѓорге Иванов: Да. За време на ручекот приреден од Генералниот секретар на ОН, имав можност да се сретнам со претседателот Обама. Разговаравме за она што е до нашиот проблем со името и навистина тоа што ми го кажа претседателот Обама беше многу охрабрувачки. Сега, ќе извинете, деталите не може да ви ги кажувам, меѓутоа пораката навистина беше охрабрувачка и кога се видовме вечерта на приемот што го организираше претседателот Обама, ми го потврди и го повтори тоа што ми го кажа на средбата што ја имавме во ОН. Тоа укажува дека Америка е пред се` запозната со целата суштина на проблемот и бара взаемно прифатливо решение, сака да се дојде во решение во кое и двете страни ќе бидат задоволени. И, тука е тоа, ни дава надеж, затоа што во целиот тек на спорот, американската админстрација секојпат била информирана за сите детали од целиот овој процес и можеби се најзапознати, многу повеќе од европските, да ги кажеме, лидери, за финеси кои се суштествени во вакво прашање.

Глас на Америка на македонски: Дали таков впечаток добивте од средбата со премиерот Папандреу?

Ѓорге Иванов: Со грчкиот премиер имав можност да се сретнам исто така на Самитот на ОН во Копенхаген, така што сега веќе онаа што ја имате првична средба и прв контакт, мислам, го прескокнавме и разговаравме за суштински проблеми, за тоа што во последно време реториката меѓу нашите две земји, на некој начин, доби едно повисоко ниво кое треба да го спуштиме, дека треба, едноставно, прашањата кои се чувствителни за двете земји да ги тргнеме од оваа дебата. Јас ја посочив чувствителноста за нас на прашањето заУставот, оти се отвори од нивна страна дека може Македонија ќе треба да го менува Уставот. Ја искажав нашата определба и нашата позиција на нашиот Устав кој е многу повеќе од Устав по Охридскиот договор. Тој е консензус на еден етнички баланс и доколку се отвори тоа, повторно може да го подели општеството. Разговаравме за она што е неопходно да постои за два соседа, да постои доверба. Затоа, многумина кои очекуваат многу брзи резултати- не може да ги видат, бидејќи тоа е еден процес кој во минатото значел нарушување на тие односи на доверба кои сега ние ги враќаме. Гледате, премиерот (Никола Груевски, н.з.) имаше шест средби со грчкиот премиер Папандреу. Тоа секојпат создава една клима во која може да се разговара. Порано не се ни разговарало за теми кои биле чувствителни. Сега многу поедноставно се разговара, доаѓаме до - взаемни да ги кажеме - една взаемна согласност кои прашања што се чувствителни не треба да ги подгреваме во овие моменти кога, еве, во Грција следат локални избори, кај нас се користи секој елемент од ова прашање за да се создаваат тензии и да се создава мобилизација од одредени политички субјекти. Мислам, и тоа ми дава еден - нема да го кажам оптимизам, туку еден реализам - дека состојбите одат на добро, и покрај одредени изјави кои некојпат се за домашна потреба. Знаете, во политиката секојпат имате потреба некојпат да пратите порака која е за домашната публика. Ние знаеме да ја интепретираме како порака дека е упатена кон нас, или тие да ја чувствуваат, и затоа овие средби се извонредна можност да си укажеме на одредени специфичности на нашите односи во овој период и да го поттикнеме она што веќе го прават двете општества.

Македонското и грчкото општество се веќе толку меѓу себе сплотени и одредени стравови и предрасуди кои постоеле во минатото – не постојат кај младите генерации. Гледате колку наши луѓе летово беа на одмор во Грција. Јас бев исто така фрапиран од бројката што ми ја кажа генералниот секретар на Шефилд универзитетот, дека последните години - тоа се десет, можеби - илјада македонски студенти поминале низ Шефилд.

Глас на Америка на македонски: Да, меѓутоа, претседателе, во говорот во ОН ги изедначивте последиците од ембаргото во 90-те со денешната политичка блокада од Грција. Има ли проценки, на пример, до кога Македонија може да го издржи тој притисок?

Ѓорге Иванов: Тоа е факт. Ние трпиме од тоа, иако - тоа и го кажав во говорот - грчките инвеститори се меѓу првите на листата на странски инвеститори. Неодамна имавме една грчка инвестиција од 40 милиони евра во Македонија. Меѓутоа, сепак, нашиот, да го кажеме, развој, привлекување на странски инвеститори е попречен поради проблемот што го има Грција со нашето име. Тоа се чувствува и го чувствуваат навистина нашите бизнисмени, нашите обични луѓе кои се надеваат дека како оди времето, ќе се подобрува и стандардот, ќе се подобруваат и примањата, ќе се зголемуваат приходите... Сепак, има влијание, и ние сме преокупирани, целиот државен врв, како тоа да го пребродиме, како да ги совладаме оние проблеми што ни се создаваат поради блокадите што ги имаме.

Глас на Америка на македонски: За крај, дали има алтернатива членството во ЕУ и НАТО? Што понатаму?

Ѓорге Иванов: Нема. Едноставно, нема. Ние како земја од еден невралгичен регион пред десет години, кој влегува во една стабилност, мораме да бидеме дел од тој севкупен процес. И затоа ја поддржуваме агендата на господинот Папандреу за 2014-та. И му велиме: ајде, прејдете на дело. Тоа е Ваша иницијатива. 2014-та е проект - целиот Балкан симболично, поради 1914-та, знаете, кога беше оној атентат во Сараево и кога се распаднаа трите империи со еден куршум, симболично сега 2014-та да биде обединување на Балканот во рамките на Европската унија; народите што живеат на Балканот по овој трауматичен период на разни конфликти, немили настани, трагедии, конечно да почувствуваат дека се во Европа и да ги практикуваат европските вредности, европските критеруми, европските принципи. И затоа, и ние ги охрабруваме самите Грци, да се надминат самите себе, да овој, како што вели министерот Милошоски, процес на совладување на буџетскиот дефицит биле продолжен со совладување на моралниот дефицит. Затоа и и` е потребна на Грција помош сега од членките на Унијата, за да ја сфати новата реалност и придонесот што таа го има за целиот регион, целиот Балкан, едноставно, да го почувствува амбиентот што го создава Европа.

Глас на Америка на македонски: Благодарам за разговорот.

XS
SM
MD
LG