Линкови за пристапност

Оер: Треба да се затворат патиштата за нелегално минување на границите и да се заштитат надворешните граници на ЕУ

  • Борјан Јовановски

Во интервју за Гласот на Америка, Амбасадорката на Франција зборува за бегалската криза и за политичката ситуација во Македонија

Глас на Америка: Кризата со бегалците на јужната граница се интензивира со опасност за сè почести инциденти и судири меѓу полицијата и бегалците. Македонија бара прецизни инструкции од ЕУ како да постапува. Има ли план ЕУ според коj Македонија би требала да постапи?

Лоренс Оер: Европскиот совет, во својата декларација од 7 март, ја потврди целта на спроведувањето на акциониот план со Турција, кој предвидува реадмисија на мигрантите што не ги исполнуваат критериумите за да добијат меѓународна заштита. Исто така, треба да се затворат патиштата кои овозможуваат нелегално преминување на границите и да се заштитат надворешните граници на ЕУ. Советот, исто така, наведе дека 28-те земји членки на ЕУ бараат да се почитуваат правилата на Шенген системот и јасно кажа дека неконтролираните мигрантски бранови кои минуваат по балканскиот пат мора да запрат.

Во однос на грчко-македонската граница постои една специфична цел: да се спроведе 100% идентификација, проверка и регистрација на лицата, со апел за зајакнување на полициските капацитети од земјите-членки, на 1 април заради справување со сите форми на нелегална трговија. Понудена е и помош за балканските земји, за да се обезбеди враќање во нормална состојба.

Глас на Америка: Постојат повеќе опции за решавање на кризата во ЕУ. Каква е позицијата на Франција како една од битните земји членки на ЕУ?

Лоренс Оер: Решението мора да биде европско, да се одбрани Шенген системот и надворешните граници на ЕУ. Францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казнев изјави вчера дека Франција мора да ја контролира оваа мигрантска криза без преседан со која се соочува европскиот континент и да ги заштити своите надворешни граници. Франција во текот на минатата година прими 80.000 баратели на азил, а загриженоста од хуманитарен аспект е константна во сите наши политики.

Франција, исто така учествува мошне активно во борбата против мрежите на криумчари кои заработуваат врз маките на мигрантите и ги доведуваат во најголеми опасности. Во тој контекст, оваа седмица од Тулон ќе исплови француски воен брод за да учествува во операциите на Атлантската алијанса против нелегалната трговија во Егејското Море, како зона каде што поминуваат илјадници илегални мигранти.


Глас на Америка: Дали француско-германската „локoмотива“ на ЕУ во случајот со бегалската криза е доведена во прашање?

Лоренс Оер: Француско-германскиот дијалог е константен и никогаш не било толку потребно да се изнајде заедничко и ефикасно решение. Франција и Германија одлучно застанаа зад европското решение за излез од кризата: предлозите се базираат истовремено врз волјата за зајакнување на контролата на надворешните граници на Европската унија, за обезбедување помош на мигрантите коишто криумчарите ги изложуваат на смртна опасност на отворено море, за подобро прифаќање на бегалците, за нивно распоредување на избалансиран и транспарентен начин во различни земји-членки, како и да се обезбеди, во достоинствени и човечки услови, враќање во нивните матични земји на мигрантите кои немаат право на азил. Претседателот на Франција и Германската Канцеларка повторно изјавија во петокот дека двете земји работат токму во таа насока.

Глас на Америка: Македонија е под притисок на бегалската криза во деликатен период кога е соочена со најтешката внатрешно политичка криза. Какви се Вашите проценки за развојот на настаните во Македонија со оглед на овие компликувани констелации?

Лоренс Оер: Повеќе од една година, внатрешната политичка криза беше предмет на интензивни активности на партнерските земји, како европските, така и американскиот партнер, за да се олесни воспоставувањето на модел за враќање на функционалните институции, како и договорена агенда за структурни реформи и за враќање пред граѓаните преку парламентарни избори. Според мене, нема друг начин за враќање во нормална состојба, освен спроведувањето на договорот од Пржино, а парламентот да биде составен преку избори признаени од страна на сите. Во оваа агенда роковите се кратки, а работата зависи од добрата волја на секого, од преодната влада, од политички партии, од граѓаните, за земјата да влезе во еден нов период. Во тој контекст, медиумите имаат исклучително важна улога, да им обезбедат на граѓаните, на совесен начин, избалансирани информации во текот на изборната кампања којашто започнува.

Глас на Америка: Каква е Вашата оценка за имплементацијата на договорот од Пржино?

Лоренс Оер: Агендата е тешка и многу бара, но гледам дека сите страни вложуваат напори за нејзино исполнување. Не сум ниту оптимист, ниту песимист, само сум убедена дека треба да се обезбедат сите елементи како гаранција за граѓаните да имаат доверба во политичкиот систем и во институциите и да излезат на гласање на 5 јуни, убедени дека ќе може слободно да го направат својот избор.

Глас на Америка: Како ги коментирате опструкциите на повеќе институции на Специјалното јавно обвинителство?

Лоренс Оер: Специјалното јавно обвинителство е институција основана со закон и треба да може да работи ослободена од притисоци во рамките на судскиот систем. Граѓаните треба да имаат доверба во правдата, што претставува основен столб на демократијата. Ниту еден демократски систем не е совршен, ниту еден поединец не е над законот и затоа постои поделбата на власта и затоа постојат институции и комисии за контрола.

Глас на Америка: Дали гледате доволна политичка посветеност од потписниците на договорот од Пржино за имплементација на обврските?

Лоренс Оер: Најважни партнери се самите потписници на договорот од Пржино, оние кои решително се заложија за имплементација на обврските. Меѓународната заедница е исто така целосно посветена на нивно спроведување. Дали постои алтернатива? Гледате ли вие друг излез? Зад нас се веќе осум месеци напорни активности. Убедена сум дека работата врз избирачкиот список е од суштинско значење, а таа е веќе започната. Државната изборна комисија врши извонредна работа којашто ја поздравувам.


Глас на Америка: Како ги коментирате актуелните настани во меѓуетничките односи со изградби на орли и крстови иницирани од коалиционите партнери?

Лоренс Оер: Навистина сме загрижени од сето тоа што поттикнува конфликти на три месеци пред изборите и очекуваме политичките партии да повикаат на смиреност. Граѓаните сакаат само едно нешто во земјата, а тоа е да живеат во мир и хармонија.

XS
SM
MD
LG