„Атино, те молам покажи дека грешам“ – под ваков наслов професорот Даниел Сервер на блогот Писфеар (www.peacefare.net) коментира на одлуката на Меѓународниот суд на правдата по жалбата на Македонија против Грција. Сервер ја повикува Грција да се издигне над балканските услови во кои губитокот на една страна е автоматски придобивка за друга и да покаже европска далекусежност со тоа што ќе го деблокира приемот на Македонија во НАТО. Сервер препорачува Македонија најпрвин да биде примена под референцата БЈРМ, а потоа да се решава прашањето за името.
Глас на Америка на македонски: Што е Вашиот став за одлуката на Меѓународниот суд на правдата по жалбата на Македонија против Грција?
Даниел Сервер: Скопје победи. Одлуката оди целосно во правецот што Скопје го посакуваше. Наведува дека Грција ја прекршила Времената спогодба кога го блокираше членството на БЈРМ во НАТО во 2008-ма.
Глас на Америка на македонски: Кои се далекусежните последици од судската одлука? Генералниот секретар на НАТО изјави дека таа не влијае на одлуката што НАТО-сојузниците ја донесоа на Самитот во Букурешт, како и дека сите сојузници се согласиле дека Македонија ќе добие покана веднаш откако ќе биде најдено обострано прифатливо решение за прашањето за името.
Даниел Сервер: Не сум сигурен дека ќе видиме некое далекусежно влијание. Меѓутоа, дури и со изјавата на генералниот секретар, ми се чини дека би било разумно да се прифати БЈРМ и БЈРМ да биде примена што е можно поскоро. Тоа сега би требало да биде обострано прифатливо решение на кое повикува генералниот секретар. Судот мошне јасно предочи дека не би сакал да чуе дека Атина ќе ја повтори грешката што веќе ја има направено во 2008-ма.
Глас на Америка на македонски: Наредниот Самит на НАТО е следната година. Очекувате дека Грција ќе се согласи на прием на Македонија во НАТО под референцата?
Даниел Сервер: Не знам што да очекувам. Знам на што да се надевам – дека Грција ќе согледа дека вистинскиот пат надвор од ова е да ја прифати БЈРМ како членка на НАТО и да продолжи со преговорите за перманентно решение. Грција нема ништо да добие од натамошно противење по ова прашање. Само може да загуби. Искрено, во последно време доста загуби. Мислам деќа биде голем плус ако го стави ова прашање зад себе.
Глас на Америка на македонски: На вашиот блог неодамна кажавте дека се согласувате со бившиот амбасадор во НАТО Курт Вокер дека треба да реафирмира валидноста на Времената спогодба и Македонија да биде примена под референцата БЈРМ во НАТО, а дури потоа да се решава прашањето за името. Дали очекувате САД и ЕУ наскоро да преземат зголемен притисок за ваков исход?
Даниел Сервер: Се` уште не гледам такво нешто, но се` уште не сум разговарал со никого на оваа тема денеска. Ќе се обидеме да го зголемиме притисокот и да видиме дали може да бидат поактивни. Посекако мислам дека условите се добри за еден обновен напор.