„Поддршката на иновациите, знаењето, едукацијата на младите, привлекување на инвестиции и воспоставување партнерство се главните услови за побезбедно и одржливо општество. Претприемачите и иноваторите се вистинската движечка сила, локомотивата на една земја и на економскиот развој“, рече Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на отворањето на конференцијата.
Иванов, како покровител на Конференцијата, потенцираше дека цел на државата е во следниот период да создаде поволни услови малите и средни претпријатија да се натпреваруваат со нови иновации и патенти кои ќе ги претворат во конкретни нови производи и услуги.
„Светот се уште закрепнува од глобалната економска криза. Единствениот начин на кој можеме успешно да ја пребродиме кризата и да создадеме одржлива економија втемелена на слободниот пазар, конкурентноста и квалитетот е да ја охрабриме работата на малите и средни претпријатија. Тие се носители на економскиот развој на секоја успешна земја“, рече Иванов.
Според Глобалниот индекс на конкурентност, Македонија се наоѓа на 79-то од вкупно 139 места. Следењето на патот на иновациите, поттикнување на претприемништвото и инвестицииите во човековиот капитал, за кратко време за Македонија е важно, а тоа е вградено и во Лисабонската агенда 2020 на Европската Унија.
Џон Клакстон од Генералниот Директорат за истражување и иновации на Европска комисија информираше дека во фокусот на Европа во моментов е Иновациската унија 2020, каде иновациите се ставени во фокусот на економскиот развој на Европската унија.
Според претседателот на Европска академија на науки и уметности, Феликс Унгер, Македонија треба да се фокусира на создавање силни мали и големи претпријатија
„Тие се оние што ги движат економиите и тоа во најголемиот број земји. Македонија има одлична услови за тоа да го направи“, рече Унгер.