Линкови за пристапност

Нови вештини за живот по затворот


Во сојузната држава позната по диви пожари, помош од затвореници во нивно гаснење е добредојдена, но и затворениците имаат корист

Секое утро, избрана група од затвореници во портокалова затвореничка облека заминува на пожарникарска работа. Ако нема пожар за гаснење, тие ја чистат пожарникарската опрема да биде подготвена кога ќе треба.

Во Калифорнија, физички погодните затвореници без историја на насилен криминал имаат опција да бидат обучени и да работат како пожарникари додека ја отслужуваат казната. Многумина за возрат добиваат редуцирана казна. Но тоа не бил единствениот поттик за осуденикот Луи Ороско:

„Возбудливо е. Адреналинот работи и забавно е во исто време. Од вас се очекува да одите каде што има пожар. Се качувате на брда, некогаш на песочен терен, некогаш на карпи, со опрема која тежи до 22 килограми.“

Осудениците во Калифорнија се користени како пожарникари 60 години. Тие исто така и` служат на заедницата на други начини. Мајк Молер е од Одделот за шуми и заштита од пожари:

„Нашите екипи се користат за време на поплави, и за спасување. Тие вложуваат околу 2,5 милиони часови годишно во вакви дејности.

Заради ова, Калифорнија се користи како модел за другите држави во нацијата.

Повеќе од 4.000 осуденици во Калифорнија служат како пожарникари, и работат рамо-до-рамо со професионалците. Капетанот Кевин Краус е нивни надзорник веќе седум години:

„Ги третирам како пожарникари. Барам од нив да се однесуваат како пожарникари и им велам дека ако сакаат да бидат херои – ова е нивна шанса.“

Краус вели дека најголем дел од избраните затвореници избираат да излезат и да ја вршат таа опасна работа, наместо да седат во затворени ѕидови.

За работата добиваат мал надомест - далеку од платата на професионалните пожарникари. Затворениците во почетокот биле користени како евтина работна сила, но програмата со време се развила. Сега се обидува да ги рехабилитира затворениците и да им помогне да добијат нови способности што би им користеле надвор од пожарникарството.

Луи Ороско исто така работи и во работилница за графички дизајн каде се сместени пожарникарските камиони. Тој вели дека ова искуство му помогнало да добие ново чувство на самодоверба.

„Ментално гледам дека можам да правам и други работи кои порано мислев дека се недостапни за мене. Планинарење, на пример на високи планини со цела опрема на грб.“

Ороско годинава полни 40 години и вели дека е премногу стар да се бори со оган откако по шест месеци излезе од затвор. Тој планира да ги употреби вештините за графички дизајн за да започне нов живот, но знаејќи дека може да се соочи со див пожар му покажало дека може да се справи со секој предизвик во животот по затворот.
XS
SM
MD
LG