Линкови за пристапност

Епл и Фејсбук - меѓу компаниите кои отстрануваат екстремно десничарски содржини


InfoWars, на чело со Алекс Џонс, тврдеше дека терористичките напади во 2001-та, и убиството во училиштето Сенди хук, се измама

Неколку големи компании денеска објавија дека ќе ги отстранат содржините од InfoWars, екстремно десничарски медиумски извор, познат по креирање заговори.

Tехнолошкиот гиггант „Епл“ соопшти дека отстранил стотици подкаст содржини во продукција на InfoWars, преку iTunes и апликациите специјализирани за подкаст.

„Фејсбук“, пак, обелодени дека отстранил четири страници кои му припаѓале на основачот на InfoWars, Алекс Џонс.

Претставник на апликацијата за споделување на музика „Спотифај“ (Spotify), рече дека ќе бидат отстранети сите подкасти на InfoWars достапни на сајтот.

Џонс беше озлогласен за ширење на неосновани теории за заговор, вклучувајќи го и тврдењето дека терористичките напади врз Светскиот трговски центар во 2001-та година, и пукањето во основното училиште „Сенди хук“ во Конектикат биле измами, извршени од страна на американската влада.

Џонс воедно постојано користел провокативен речник против трансродовите и лицата од муслиманска вероисповед, како една од причините поради кои Фејсбук ги отстранил неговите содржини.

„Фејсбук“ минатиот месец го суспендираше личниот профил на Џонс, заради, како што кажа, „мобинг и ширење говор на омраза“.

Исто така во јули, „Фејсбук“ и „Јутјуб“, објавија дека од нивните сајтови отстраниле четири видеа на Џонс. На две од нив, без присуство на докази, се тврдело дека муслиманите преземаат неколку европски земји.

„Јутјуб“ минатиот месец најави и дека му забранил на InfoWars да врши стриминг во живо на веб-страницата, и тоа за 90 дена. Заклучно со денеска, InfoWars на „Јутјуб“, со преку 2,4 милиони претплатници, и натаму е достапен на интернет. „Јутјуб“ не одговори на барањето на Гласот на Америка да коментира по прашањето.

Во меѓувреме, родителите на децата убиени во Конектикат, го тужат Џонс за клевета. Иако тој сега вели дека верува оти пукањето не е измама, сепак истакна дека неговите претходни тврдења се заштитени според американските закони за слобода на говор.

Во јули годинава, Џонс се чинеше и дека му се заканува на специјалниот советник Роберт Мулер, кој во моментов ја предводи истрагата за Русија.

Додека верувањата на Џонс често се окарактеризирани како маргинални, сепак на одреден начин, тој успеал да се пробие во јавноста. Во декември, 2015-та година, Алекс Џонс дури имал и сателитско интервју со тогаш претседателскиот кандидат, Доналд Трамп.

„Твојот углед е неверојатен. Нема да те изневерам“, изјавил Трамп за InfoWars.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG